Драган Стојковиќ Пикси ја заврши својата авантура како селектор на српската фудбалска репрезентација, откако самиот реши да си поднесе оставка по болниот пораз од директниот ривал за второто место во групата, селекцијата на Албанија.
Србија доживеа минимален пораз од 0:1 во Лесковац и своите шанси за пласман на Светско првенство ги сведе на минимум, а во ситуацијата кога фудбалската асоцијација на Србија му постави ултиматум на Пикси уште пред овој натпревар, Стојковиќ не чекаше да биде разрешен и самиот понуди оставка.
– Ја понудив мојата оставка на претседателот Драган Џајиќ и на генералниот секретар Бранко Радујко. Јас нема да патувам во Андора, тимот ќе го води Горан Ѓоровиќ. Мојата приказна како селектор е завршена, за жал мораше да биде така.
– На играчите им посакувам се најдобро, после четири и пол години, време е за крај. Фудбалот носи и вакви моменти, а јас ќе се сеќавам на поддршката која ја добивав во овој долг период. Им посакувам се најдобро на играчите, им посакувам да се борат и да носат победи.
– Фудбалот е составен од победи и порази, од убави и помалку убави моменти. Наредните денови ќе имам шанса да дадам изјава, нема да се кријам. Ова е моја одговорност, овој пораз е моја одговорност, особено поради тоа што доаѓа од директниот ривал за второто место. Мојата работа мора да заврши тука….. Мое длабоко извинување до цела нација за овој пораз, но ова е само спорт и мора да продолжиме напред, – изјави Пикси.