Последната победа на Канзас Сити му донесе нов рекорд на тимот предводен од нашиот стручњак Влатко Андоновски и доминација каква што немало во историјата на женската американска професионална лига.
Карент славеа над Готам со 2:0 и со тоа стигнаа до 62 бодови во регуларниот дел, соборувајќи го досегашниот рекорд на Орландо и тоа на два натпревара до крајот на овој дел од сезоната во НВСЛ.
Воедно ова беше 20. победа во актуелната сезона, исто така рекорд во лигата, а Канзас има 19 бодови предност во однос на второпласираниот тим на Вашингтон.
Претходно, избраничките на Андоновски го обезбедија првото место во оваа фаза најбрзо во историјата на лигата, а постигнаа рекорд и со 870 минути без примен гол во текот на девет натпревари од првенството.
Плејофот со осумте најдобри екипи започнува следниот месец, а Канзас и Андоновски ќе имаат предност како први носители.