Валентан Вашеро ја продолжи сензационалната победничка серија на Мастерсот во Шангај и преку квалификациите стигна до големото финале.
Тенисерот од Монако денеска ја оствари и досега најголемата победа во кариерата, триумфирајќи над грен-слем рекордерот Новак Ѓоковиќ и тоа во два сета.
Српскиот тенисер повторно имаше проблеми со повредата на левата нога, се обидуваше да го компензира тоа со борбеност, но не успеа да обезбеди ново Мастерс финале.
Ѓоковиќ го отвори мечот со брејк, но потоа дозволи два брејка на ривалот, кој го доби првиот сет со 6:3. Вториот сет донесе порамноправни сервиси на двајцате тенисери, но Вашеро го скрши отпорот на ветеранот во деветтиот гејм, за во следниот да го потврди сетот со конечни 6:4.
Вашеро влегува во финалето како 204-ти тенисер во светот, а таму ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу Медведев и Риндернеш.