Во Салцбург, градот на Моцарт и на богатото културно наследство, плановите на автомобилскиот магнат Волфганг Порше предизвикаа вистинска бура. Порше, имено, има намера да ископа приватен тунел под ридот Капуцинерберг, со кој би го поврзал центарот на градот со својата вила. Проектот поттикна петиција и обвиненија за фаворизирање на супербогатите, пишува "Corriere della Sera".
Од засолниште на писателот Цвајг до гаража за осум суперавтомобили
Вилата позната како „Paschinger Schlössl“, сместена на ридот Капуцинерберг, станала сопственост на познатиот австриски писател Штефан Цвајг во 1917 година. Тој ја избрал затоа што била, како што рекол, „романтична, недостапна и што е најважно – недостижна за автомобили“.
Во тоа мирно прибежиште, до кое се стигнувало преку над сто камени скали, Цвајг ги напишал своите најпознати дела. Но во 1934 година, под притисокот на растечкиот антисемитизам, бил принуден да ја продаде куќата и да замине во егзил.
Цел еден век подоцна, новиот сопственик има сосема поинаква визија. Волфганг Порше (82), лидер на автомобилската династија и сопственик на брендовите „Volkswagen“ и „Porsche“, ја купил вилата во 2019 година за 9 милиони евра.
Веднаш започнал со радикална обнова, со цел да може заедно со сопругата, принцезата Габриеле цу Лајнинген, да ужива во својот нов дом. Во рамките на проектот изградил подземна гаража за осум автомобили – очекувано, со оглед на тоа што Порше е познат по својата страст кон брзите возила и планинските патишта.
Тунелот што го разлути Салцбург
Полемиката ескалирала кога Порше побарал и добил дозвола од градот Салцбург за копање приватен тунел што би ја поврзал гаражата на вилата директно со центарот на градот.
Официјалното образложение гласи дека „пристапот до вилата е тежок поради тесниот пат, особено во зима“.
Но дури и за град навикнат на богаташи и славни личности, овој проект бил капката што ја прелила чашата.
Додека градежните работи веќе започнале, 20.000 жители ја потпишале петицијата со која се осудува „повластениот третман на супербогатите — симбол на социјална неправда“.
„Не сакаме милијардерот Порше да го пробива ридот само за да има полесен пристап до својата приватна гаража користејќи јавно добро“, стои во изјавата на потписниците.
Дополнителен бес предизвикала и информацијата дека Порше за користењето на јавно земјиште во заштитено природно подрачје платил само 48.000 евра.
Политички игри и судир на интереси
Проектот добил првично зелено светло во почетокот на 2024 година, со гласовите на социјалдемократите (SPÖ), националните либерали (FPÖ), и OVP, и покрај жестокото противење на Зелените и Комунистичката партија, која е втора најсилна во Салцбург.
Темата за тунелот ја поделила и владејачката коалиција.
Градоначалникот Бернхард Ауингер (SPÖ) се најде во непријатна ситуација — пред да влезе во политиката, 27 години работел во „Porsche“ како синдикален претставник.
Тој се брани велејќи дека „не може ништо да направи против проектот што го наследил од претходната власт“.
Но, критиките не стивнуваат.
„Постојат огромни правни и технички прашања кои до денес немаат одговор. А сепак, ÖVP, SPÖ и FPÖ одбија да поканат експерти и да отворат јавна расправа. Од што се плашат?“, изјави градскиот советник на Комунистичката партија Клаудиус Мај.
Проектот моментално ја чека конечната дозвола од Сојузната држава Салцбург.