Албинен уште во 2017 година станал вирален хит – на социјалните мрежи се проширила приказната за шармантното швајцарско место кое им нуди 25 илјади евра на странци ако се преселат таму. Локалните власти се одлучиле на овој чекор за да го поттикнат економскиот и наталитетниот раст во општината.
Она што никој не го предвидел бил неверојатниот интерес што нивната понуда го предизвикала. Општината примила околу 10 илјади барања за преселување, а некои ентузијасти дури и допатувале директно во ова место во округот Лојк, на југот на Швајцарија, подготвени да се преселат веднаш – и да ја добијат својата парична награда.
За жал, се покажало дека не ги прочитале добро условите за добивање на парите.
На оваа погодност, имено, имале право само швајцарски државјани помлади од 45 години, и лица од други делови на светот со дозвола Ц за постојан престој во Швајцарија, кои се подготвени да купат дом во Албинен со минимална пазарна вредност од 200.000 швајцарски франци и да живеат таму најмалку 10 години, пишува „Pun kufer“.
Покрај тоа, кандидатите кои ги исполнуваат условите би требало да се прилагодат на живот во мало место без банка, пошта, училиште или болница, во кое живеат нешто повеќе од 250 жители.
Па, дали Албинен навистина му платил некому 25 илјади евра за преселување или сето тоа беше само добар маркетиншки трик и интернет измама? Тоа прашање ја натера екипата од YouTube каналот „Yes Theory“ на акција.
Ова лето отпатувале во Албинен за да проверат што навистина се случува таму.
Иако пристигнале во време на годишни одмори, кога не работеле ниту единствениот хотел, ниту кафулето во местото, сепак успеале од локалното население да дознаат многу интересни детали. Не само што навистина се доселиле неколку нови семејства во Албинен, туку откриле и дека општината ова лето ја обновила програмата и повторно нуди надоместок за преселување.