Срцевите и мозочните удари ретко се случуваат ненадејно и без очигледни претходни знаци. Според обемна студија што опфатила здравствени податоци од повеќе од девет милиони возрасни лица во Јужна Кореја и САД, речиси секоја личност што доживеала сериозен кардиоваскуларен настан претходно имала барем еден од четирите клучни фактори на ризик, пишува „ScienceAlert“.
Станува збор за висок крвен притисок, зголемен холестерол, високо ниво на шеќер во крвта и пушење — било сегашно или во минатото. Анализата покажала дека оваа група на фактори претходела на дури 99 проценти од сите забележани кардиоваскуларни настани за време на долгото истражување.
Интересно е што дури и кај жени помлади од 60 години, демографска група што се смета за најмалку ризична, повеќе од 95 проценти од срцевите или мозочните удари биле поврзани со барем еден од наведените фактори.
Високиот притисок како најголема закана
Меѓу наведените фактори, високиот крвен притисок се истакна како најчеста причина. Податоците од САД и Јужна Кореја покажуваат дека повеќе од 93 проценти од лицата што доживеале срцев удар, мозочен удар или срцева слабост претходно страдале од хипертензија. Токму затоа, контролата на крвниот притисок би можела да биде клучна во превенцијата на сериозни кардиоваскуларни заболувања.
Важноста на контролата на променливите фактори
„Сметаме дека студијата многу уверливо покажува дека изложеноста на еден или повеќе неоптимални фактори на ризик пред овие кардиоваскуларни исходи е речиси 100 проценти“, изјави кардиологот Филип Гринланд од Универзитетот Нортвестерн.
„Целта сега е повеќе да се работи на пронаоѓање начини за контрола на овие променливи фактори на ризик, наместо да се трага по други фактори што не се лесно излечиви и не се причински“, додаде тој.
Авторите на студијата истакнуваат дека нивните резултати ги оспоруваат неодамнешните тврдења за пораст на „скриените“ кардиоваскуларни настани кои наводно се појавуваат без присуство на познати фактори на ризик. Тие сметаат дека претходните истражувања можеби пропуштиле некои дијагнози или занемариле нивоа на ризик што биле под клиничкиот праг за дијагноза.
Кардиологот Неха Пагидипати од Универзитетот Дјук, која не учествувала во истражувањето, нагласи дека овие резултати ја потврдуваат важноста на управувањето со здравствените ризици пред тие да доведат до сериозни и потенцијално фатални последици.
„Можеме – и мораме – подобро“, заклучи таа. Студијата е објавена во списанието „Journal of the American College of Cardiology“.