Освои Светско првенство, играше за великани, а сега е „кралот на донерот“ со стотици милиони

Точка

03/10/2025

18:36

1.623

Големина на фонт

а а а

„Ако нарачате мени во ’McDonald’s‘, ќе платите исто или дури и повеќе отколку кај мене, а за возврат ќе добиете полоша храна“, порача тој.

Поранешниот репрезентативец на Германија и екс-играч на Баерн и Арсенал, Лукас Подолски, денес сè почесто се споменува во медиумите не поради голови, туку поради бизнис-успехот. Популарниот „Принц од Келн“ сега го нарекуваат и „кралот на донерот“, со богатство што се проценува на дури 215 милиони евра.


Неговото бизнис-царство започна во родниот Келн, каде што го отвори првиот ресторан за кебап под брендот "Mangal Döner". Токму таму, во градот каде што ја започна и својата фудбалска кариера, Подолски го лансираше својот заштитен производ – „Подолски сендвич“ кој чини 8,17 евра. Денес тој ланец брои повеќе од 30 локации низ Германија, а интересот кај купувачите постојано расте.

Но, кебапот не беше негов прв претприемнички потфат. Пред да ги отвори рестораните, тој ја основа компанијата "Ice Cream United', специјализирана за производство на слатки. Покрај тоа, стои и зад организацијата на музички фестивал и сопствен фудбалски турнир, што покажува колку Подолски ги проширил своите интереси надвор од тревникот.


Како што пишува "Daily Star", преку успешно водење на различни проекти, но и преку богатата играчка кариера, тој собра вистинско мало богатство. Самиот Подолски често истакнува дека со своите ресторани сака да понуди квалитетна алтернатива на брзата храна:

„Ако нарачате мени во ’McDonald’s‘, ќе платите исто или дури и повеќе отколку кај мене, а за возврат ќе добиете полоша храна“, нагласува фудбалерот.


И покрај сè, Подолски сè уште не се збогувал со фудбалот. На 40 години сè уште активно игра за полскиот прволигаш Горник Забрзе.

Најголемите успеси ги оствари во дресот на германската репрезентација – беше дел од славната генерација што во 2014 година ја освои титулата светски шампион во Бразил. За „Елф“ запиша импресивни 130 настапи и постигна 49 голови, со што се вбројува меѓу најистакнатите играчи на модерната ера на германскиот фудбал. Тој е трет најдобар стрелец во историјата на националниот тим, веднаш зад Мирослав Клозе (71) и Герд Милер (69).