Новак Ѓоковиќ не води борба само против противникот на теренот – овојпат Марин Чилиќ – туку и против исклучително тешките временски услови во Шангај, каде што владее голема влага и спарина.
За време на мечот, Ѓоковиќ неколку пати се бореше со лизгање на рекетот поради потењето, па посегна по добро познатиот трик од светот на тенисот и побара пилевина од судијата.
Откако ја упати молбата, му беше донесена пилевина, која ја протри низ дланките со цел да го подобри прилепувањето на рекетот и да спречи тој да му се излизга во текот на важните поени. Дел од пилевината стави и во џебовите, за да не мора секојпат да оди до клупата по нова количина.
Овој метод, иако денес ретко се гледа, има долга традиција во тенисот. Еден од познатите тенисери кој редовно користеше пилевина беше Иван Лендл, повеќекратен освојувач на Гренд слем титули. И самиот Ѓоковиќ ја има користено оваа техника и претходно, особено на турнирот во Мајами, каде што климатските услови знаат да бидат слични.
На вакво ниво на натпреварување, дури и најмалиот детаљ може да направи разлика. А Ѓоковиќ, познат по својот перфекционизам и способност за адаптација, уште еднаш покажа колку внимание посветува на секој аспект од играта — па дури и на борбата со потта.