Ибица, светски познатата дестинација за забава и клубови, се соочи со најтешката бура во последните 70 години. За помалку од 24 часа, на островот паднале дури 254 литри дожд по квадратен метар, според податоците на шпанската метеоролошка служба „AEMET“, што претставува најврнежливи 24 часа од 1952 година.
Бурата Габриел донела огромна количина влага од Средоземното Море и ја „заробила“ над Балеарските Острови, претворајќи ги патиштата во реки и предизвикувајќи колапс на инфраструктурата.
Сликите кои го обиколија светот прикажуваат автомобили потопени до прозорците, туристи кои во паника ги напуштаат главните автопати за пеш да стигнат до своите летови, како и луксузни хотели кои се преплавени со вода.
Во историскиот град Пачи, во близина на марината, дел од покривот се урнал, додека персоналот очајнички се обидувал да го сопре прокиснувањето. Аеродромот, исто така, се соочил со сериозни проблеми поради надојдената дождовница што се слевала од покривите.
Властите биле принудени да го зголемат нивото на тревога од портокалово на црвено, активирајќи го специјалниот план „INUNBAL“ за поплави. Војници, полицајци и пожарникари пристигнале од Мајорка и Валенсија, заедно со хеликоптери и специјални единици за справување со катастрофи.
Во рок од 24 часа, Цивилната гарда спасила 148 луѓе кои биле заробени во куќи и возила. Освен огромната количина врнежи, шпанските медиуми ја потенцираат и слабата инфраструктура. Системите за одводнување не успеале да го издржат огромниот прилив на вода, па улиците и подрумите биле преплавени за само неколку минути. Воената единица за итни ситуации („UME“) нагласила дека интензитетот на врнежите, во комбинација со неможноста за природно истекување на водата, ја влошил штетата.
Во фокус доаѓа и климатскиот аспект. Весникот „El Pais“ наведува дека затоплувањето на морето и зголемената влажност во Медитеранот ја зголемуваат зачестеноста на вакви појави како бурата Габриел, кои стануваат сè почести во Шпанија. Поради тоа, локалните власти планираат да побараат прогласување на Ибица за „катастрофално подрачје“.
Од рај за клубови, островот за миг се претвори во ноќна мора со поплави. Податоците јасно покажуваат дека комбинацијата од екстремни временски услови и ранливата инфраструктура е она што ја „удави“ Ибица.