Многу е веројатно дека на изборите во Чешка премиер повторно ќе стане Андреј Бабиш. И покрај бројните афери и скандали во кои е вмешан, популистот продолжува да тврди дека тој е оној што ќе ја доведе Чешка во ред, пишува Дојче Веле.
Популистички имиџ на обичен човек
Понекогаш се појавува во стар џемпер, понекогаш во црна дуксерка со неговите иницијали АБ, понекогаш во маичка на која пишува: „Чешка, сè за тебе“. Или: „Чешка – против зеленото лудило“. Не носи скапа облека, никогаш не излегува во јавноста во одело, туку во фармерки и патики. Или во чевли од вештачка кожа, најевтините во продавницата.
Ретко се појавува на големи сцени. Почесто зборува директно пред помали групи или од платформата на неговиот предизборен автобус, половина метар над земјата. Дава автограми, се ракува, се насмевнува додека луѓето прават селфиња со него – и колку подолго трае тоа, тој делува сè повесело: Андреј Бабиш, седумдесет и едногодишник, милијардер, популист, контроверзен поранешен премиер на Чешка.
Човек кој го споредуваат со Доналд Трамп, Силвио Берлускони или Виктор Орбан, иако развил своја, чешка, верзија на популизам. Многу е веројатно дека повторно ќе стане премиер по изборите што започнуваат овој петок (3 октомври), бидејќи неговата партија АНО убедливо води во истражувањата на јавното мислење.
Потомок на комунистичката елита
Кога зборува, обично го напаѓа „системот“ и „корумпираните политичари“. Политичката елита, како што тврди е некомпетентна, бирократска и неефикасна. Таа ги презира граѓаните, ги дели функциите, лаже, мами и троши пари. Од друга страна Бабиш вели дека би ја водел државата како компанија – а неговиот успех во деловниот свет го докажува тоа. Тој истакнува дека ќе ги слуша граѓаните, би ја организирал земјата во нивно име и би им помогнал да живеат добро и достоинствено.
Иако милијардерот во „качулката“ сака да се прикаже како бунтовник и глас на сиромашните и понижените, целиот негов живот му припаѓал на естаблишментот. Роден во Словачка, тој пораснал под комунистичката диктатура во семејство кое припаѓало на номенклатурата. Неговиот татко бил службеник за надворешна трговија, а Бабиш живеел и во Швајцарија и во Франција. Откако завршил средно училиште во Женева, студирал економија во Братислава, а потоа работел во надворешна трговија, вклучително и во Мароко.
Неговиот подем до позицијата на најбогат граѓанин на Чешка започнал во „дивите деведесетти“: во 1995 година станал сопственик на земјоделско-хемиската група Агроферт, која претходно ја управувал како директор. Бабиш раскажал неколку верзии за тоа како дошло до преземањето – сите нејасни и неверојатни.
Денес, Агроферт вклучува околу 250 компании ширум светот, вклучувајќи ги „SKW Stickstoffwerke Piesteritz“ во Германија и индустриските пекари „Lieken“ и „WIBAGE“. Богатството на Бабиш се проценува на околу три и пол милијарди долари.
„АНО, ќе биде подобро!“
Според неговите зборови, тој бил турнат во политиката поради незадоволството од ситуацијата во Чешка: корупција, бирократија, застојани реформи. Во 2011 година, тој го основал движењето АНО, акроним за „Движење на незадоволни граѓани“, што е исто така чешки збор за „да“. Од самиот почеток, главниот слоган на АНО гласи: „Да, ќе биде подобро!“ А ветувањето на партијата отсекогаш било исто: дека Андреј Бабиш сè ќе воведе во ред.
Гласачите му дадоа шанса. Тој беше министер за финансии од 2014 до 2017 година, а премиер од 2017 до 2021 година. Наместо ред, тој донесе бескрајни дискусии за сопствените скандали со измами и корупција во земјата. Симболот е скандалот „Штрково гниездо“: велнес центар во близина на Прага за кој Бабиш со измама добил средства од ЕУ со привремено формално ослободување од една од неговите компании од Агроферт за да ги исполни условите.
Истрагите и судските постапки траат речиси десет години. Во јуни оваа година, суд во Прага нареди целиот случај да се отвори повторно. Аферата оттогаш се претвори во семејна трагедија – изгледа дека Бабиш го користел името на својот син во правна злоупотреба без негово знаење. Кога неговиот син Андреј Бабиш помладиот го обвини дека го киднапирал за да не сведочи пред истражителите, Бабиш постариот јавно одговори дека неговиот син е ментално болен.
Доушник на тајната полиција
„Штрково гниездо“ беше само врвот на ледениот брег. Со години, Бабиш ги полнел весниците со судир на интереси, сомневања за затајување данок и корупција, влијание врз медиумите и неговото минато во комунистичката тајна служба. Од 2017 година Агроферт формално беше управуван од фондација што ја основал, но судот подоцна утврдил дека со тој само ја криел сопствената вмешаност и дека сè уште ја контролира компанијата.
Како и другите популисти, тој со години зборува против мигрантите, а неодамна и против украинските воени бегалци. Истовремено, во своето бизнис царство тој вработува многу работници од земји кои не се членки на ЕУ, како што се Виетнам и Украина, честопати во услови недостојни за човечко суштество.
Додека пак во Словачка, судот пресудил дека работел како агент за државната безбедносна служба „Státní bezpečnost“ под кодното име „Буреш“. Но, Бабиш до ден-денес го негира ова и огорчено се жали на клевета.
Секогаш кога ќе избувне скандал, Бабиш повторува дека „не направил ништо противзаконско“. Или дека „системот“ сака да се одмазди и да го уништи. Поради неговите афери, во Чешка повеќепати биле одржани масовни протести и барања за „чиста земја“-што Бабиш ги нарекува пропаганда на неговите непријатели.
За разлика од неговиот пријател Виктор Орбан, Бабиш не е непријател на Европската Унија: таа му е потребна ЕУ за неговото бизнис царство. Тој не е портпарол на Владимир Путин, но кога станува збор за воената помош за Украина, тој одмавнува со раката: „Јас сум дипломат, а не војник“. Тој досега не ја преобликувал Чешката Република, ниту имал политичка можност – и не е јасно дали воопшто сака. Како премиер можно е само да побара имунитет, за да не може повеќе да биде повикан на испрашување и судски постапки. Тој е помеката или како некои велат опортунистичка верзија на популист.
Немирен човек со огромно его. Бабиш еднаш му рекол на авторот на овие редови дека едвај спие и дека мора „секогаш да прави нешто“, како и дека всушност жали што воопшто влегол во политиката. Но, луѓето во Чешка, како што рекол имаат потреба од него, а тој не може да ги остави на цедило.