Независниот синдикат при ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје најави протест поради неисполнети обврски кон вработените.
Во соопштението до јавноста, синдикатот информира дека протестот ќе се одржи денеска и утре во период од 09:30 до 11:00 часот, при што ќе биде блокиран просторот кај семафорот на раскрсницата на бул. „Илинденска“ со ул. „Никола Тесла“. Протестот ќе заврши пред дирекцијата на ЈП „Паркови и зеленило“.
Синдикатот наведува дека протестот се организира согласно законските прописи и колективниот договор, со кој се утврдени правата на вработените за плата, регрес, јубилејни награди, новогодишен додаток и отпремнини.
Барањата на синдикатот се: исплата на платата за август за фирмите „Флораком ДООЕЛ“ и „Луна ДООЕЛ“, исплата на К-15, јубилејна награда, новогодишен додаток, отпремнина за работниците со престанат работен однос.