[ВИДЕО] Израелските сили „киднапирале“ и студент од Србија при упадот на хуманитарните бродови: „Ако го гледате ова видео…“

Точка

02/10/2025

09:06

4.229

Големина на фонт

а а а

Меѓу активистите на хуманитарната флотила, која денеска беше пресретната од израелската армија на пат кон Газа, е и студент од Србија, Огњен Марковиќ, потврдија неговите колеги од Факултетот за драмски уметности, пренесе „nova.rs“.

Пораката на студентот пред притворањето

„Израелските сили штотуку ја презедоа контролата врз бродот Адара, еден од бродовите во рамки на флотилата Сумуд што носеше хуманитарна помош за Газа. Нашиот колега Огњен Марковиќ исто така беше на овој брод“, објавија студентите на социјалните мрежи.

Тие споделија и видеопорака што Марковиќ ја снимил пред пресретнувањето.

„Се викам Огњен и доаѓам од Србија. Ако го гледате ова видео, мојот брод беше пресретнат и бев нелегално приведен од израелските окупаторски сили“, започна Марковиќ. Во пораката, тој повикал на притисок врз српската влада. „Ве поканувам да извршите притисок врз Владата на Србија да побара мое итно и достоинствено ослободување и да се стави крај на соучеството во геноцидот“, додал студентот.

Неговите колеги од универзитетот најавија дека наскоро ќе објават повеќе информации за целиот случај.

Меѓу активистите е и Грета Тунберг

Флотилата, составена од повеќе од 50 бродови, испловил во август и носи пропалестински активисти од целиот свет, вклучувајќи ја познатата шведска активистка Грета Тунберг и неколку членови на Европскиот парламент. Поради пресретнувањето на флотилата, италијанските синдикати повикаа на протестен штрајк во петок.

Израелското Министерство за надворешни работи потврди дека морнарицата запрела неколку бродови и дека активистите се префрлаат во израелско пристаниште, од каде што ќе бидат депортирани. Тие исто така објавија видео во кое израелски војник ги предава работите на Грета Тунберг по нејзиното апсење. „Грета и нејзините пријатели се безбедни и здрави“, се вели во соопштението на министерството, објавено од „Тајмс оф Израел“.