Филмот „The Smashing Machine“ ја носи на големото платно неверојатната и потресна приказна за Марк Кер, еден од најпознатите ММА борци на сите времиња. Оваа автентична и силна биографска драма на режисерот Бени Сафди, го прикажува не само спортскиот подем на Кер – туку и неговите внатрешни борби, падови и искупување.
Филмот „Smashing Machine“ имаше премиера на 82. Меѓународен филмски фестивал во Венеција (Venice Film Festival) на 1 септември 2025 година во програмата на главната конкуренција, каде што ја освои наградата Сребрен лав за најдобра режија, додека за „Златен лав“ беше номиниран.
Во улогата на Марк Кер – човек кој во рингот беше незапирлива сила, а надвор од него ранлива душа – публиката ќе го види Двејн Џонсон во неговата досега најлична и најпредизвикувачка улога.
„Сите тие елементи за мене беа освежувачки предизвик по години посветени на акционо-авантуристички проекти. Овој филм е можност да прикажеме автентична, трогателна и сурова приказна, далеку од суперхероите и блокбастерите“, истакна Џонсон.
Покрај него блеска и Емили Блант во улогата на долгогодишната партнерка на Кер, Дон Стејплс – жена која се обидува да го одржи на нозе додека тој се соочува со славата, повредите и зависноста. Посебен бисер во актерската екипа е Сатоши Иши, кој го толкува легендарниот „PRIDE“ борец Енсон Иноуе, кого Кер го совлада во познатиот „Grand Prix“ меч во 2000 година.
Филмот ја открива метеорската кариера на Марк Кер – од освојувањето на две последователни „UFC“ турнирски титули, преку борбите во „PRIDE“ рингот против најголемите имиња на тоа време, па сè до неговите внатрешни демони и зависноста од лекови против болка, која се закануваше да уништи сè што изградил. Покрај борбите, дел од филмот се и специјални гостувања на боречки икони како Бас Рутен и Олександр Усик.
Гласот на режисерот
Режисерот Бени Сафди, познат по својот уникатен поглед на маргиналните јунаци и екстремните ситуации, објаснува:
„Го погледнав документарецот за Марк Кер и веднаш се вљубив во приказната, бидејќи не можев да поверувам дека постои таков човек. Неговите емоции, комплексност и интелект беа во целосна спротивност со тоа што го покажуваше во рингот – огромна физичка сила, а истовремено нежен и благ. Таа контрадикција ме освои, а знаев дека и Двејн го видел истото што и јас. Тоа ретко се случува и веднаш сфатив дека заедно можеме да создадеме нешто навистина посебно.“
Филмска пресвртница за Џонсон
За Двејн Џонсон, кој ја изгради кариерата како глобална акциона ѕвезда, „The Smashing Machine“ претставува вистинска пресвртница:
„Се сеќавам на деведесеттите, кога ММА беше сè уште во зачеток. Тоа беше вистински Див Запад на боречките спортови – момците се бореа по неколку пати во една ноќ, без правила, само за да преживеат и да заработат неколку стотини долари. Првпат го сретнав Марк во 1997 година, во период кога и јас бев повреден и несигурен во мојата иднина во борењето. Затоа оваа приказна ми е толку лична – во неа препознав свои борби и сомнежи.“
Награден во Венеција и потполнет со силни актерски изведби, филмот донесува интимна и потресна приказна за славата и нејзината цена – за човек кој во рингот беше непобедлив, а надвор од него сакаше, грешеше и го бараше својот пат кон искупувањето.