Американската новинарка Мегин Кели остро ја критикуваше НФЛ поради одлуката популарниот порторикански пејач Бед Бани да настапи на полувремето на Супербоул, најавувајќи дека поради тоа нема да го следи еден од најспектакуларните спортски настани во САД.
Имено, на 30-ти септември (вторник), во нејзината емисија „The Megyn Kelly Show“ на „SiriusXM“, таа го опиша изборот на Бед Бани како „среден прст на MAGA движењето и конзервативците низ САД“. Дополнително, таа изнесе тврдење дека пејачот, чие вистинско име е Бенито Антонио Мартинез Окасио, не сака да направи турнеја низ Америка затоа што „ги мрази САД“.
Сепак, Бед Бани во интервју за магазинот „i-D“ во септември објасни дека причината за изостанокот на американската турнеја е неговата загриженост за безбедноста на обожавателите, поради сè почестите имиграциски рации.
Мегин Кели не застана само на политичките критики. На социјалните мрежи сподели снимки на кои Бед Бани настапува во облека што потсетува на женски изглед, нарекувајќи го „многу неатрактивен во тоа издание“.
Иронично се запраша дали овој избор значи дека следната година на Супербоул би можеле да настапат и други контроверзни изведувачи, како што е Пи Диди, и покрај неговите правни проблеми.
Да потсетиме, НФЛ минатиот месец официјално потврди дека Бед Бани ќе биде ѕвезда на полувремето на Супербоул, со што ќе им се придружи на реномираните имиња како Кендрик Ламар, Бијонсе, Принц и многу други.