По Дејвид Бекам, Били Ајлиш, Дeн Ејкројд и Луис Капалди, на списокот славни личности кои живеат со Туретов синдром доспеа уште едно познато име.
Роби Вилијамс го открил ова ретко невролошко нарушување додека правел тест за аутизам, но – како што самиот објаснува – кај него симптомите се манифестираат на поинаков начин, преку „наметливи мисли“.
Првите знаци на нарушувањето се појавуваат уште во детството, додека тиковите и другите симптоми стануваат поизразени во подоцнежните години. Сепак, музичарот дури неодамна сфатил дека има Туретов синдром. Во неговиот случај нема изненадни тикови, необични движења или неконтролирани гласови – симптоми типични за овој тип невролошко нарушување.
Во првата епизода од новата сезона на поткастот „I'm ADHD! No You're Not“, популарниот британски пејач (51) откри дека неодамна направил тест за аутизам. Резултатите биле негативни, но покажале присуство на „аутистични особини“, вклучувајќи анксиозност која се јавува кога мора да ја напушти својата зона на комфор.
„Сега разбирам зошто понекогаш се чувствувам толку непријатно во сопствената кожа, особено кога ќе станам од кревет. Тоа е мојата зона на удобност. Надвор од креветот е зона на непријатност“.
„Дури неодамна сфатив дека имам Туретов синдром, но кај мене не се манифестира на вообичаен начин. Тоа се мисли кои одеднаш ми се појавуваат. Така, пред некој ден шетав по улица и сфатив дека токму тие мисли се дел од синдромот. Само што не излегуваат надвор. Тие ‘наметливи мисли’ се толку интензивни, што ништо не може да ги замолчи“, објаснил Вилијамс и признал дека концертите за него се вистински кошмар.
„Имам многу сложен однос со настапите во живо. Луѓето велат: ‘Ох, одиш на турнеја? Сигурно си возбуден!’. Не, не сум. Ужаснат сум! Јас сум вистински олимпиец во маскирање – изгледам како да сум полн со самодоверба, арогантен, самоуверен, сè е помпезно и полно со адреналин, но во мене се случува нешто сосема поинакво...“.
Многумина би помислиле дека тоа што го опишува нема многу врска со Туретов синдром – наследно невролошко нарушување кое се карактеризира со повеќекратни моторни и еден или повеќе вокални тикови, односно брзи, ненамерни и повторувачки движења и звуци.
Симптомите обично се јавуваат во детството и често се придружени со состојби како опсесивно-компулсивно нарушување или нарушување на вниманието и хиперактивност. Иако лек не постои, редовните терапии можат да ја намалат зачестеноста на тиковите и да им помогнат на пациентите да водат нормален живот.
Овој редок синдром не е единствениот предизвик со кој се соочува познатиот пејач. Пред неколку години, за време на турнеја, завршил на интензивна нега, а подоцна по детални прегледи, лекарите му откриле аномалии на мозокот.
Освен тоа, Роби има дијагноза и на АДХД, како и посттрауматско стресно нарушување (ПТСН). Тој се наоѓа и во ризична група за деменција, бидејќи неговата мајка боледувала од истото. А кога веќе ги разгледуваме медицинските извештаи на „дивиот“ музичар, вреди да се потсетиме дека поради „секс, дрога и рокенрол“ животниот стил, поминал низ неколку рехабилитации за да се излечи од алкохолизам и зависност од дроги.