Она што започнало како сон се претворило во најинтензивно искуство во нејзиниот живот. Сара Хауел, 26-годишничка родена во Фејетвил, Северна Каролина, САД, пропатувала половина свет за да се сретне со Апо Ванг-од, легендарната 108-годишна филипинска тату-уметница која ја одржува во живот древната уметност на баток.
Сара се впуштила во патување од повеќе од 30 часа од Вашингтон до Манила, решена да понесе дел од историјата на својата кожа. Она што не го замислувала е дека авантурата ќе започне веќе со самото поаѓање на патување, пишува „Flooxer Now“.
Имено откако слетала во филипинскиот главен град, таа се соочила со десетчасовно возење со автобус по кривулести планински патишта, по што следувало двочасовно пешачење до оддалеченото село Бускалан во Тинглајан. Таму, придружувана од нејзиниот локален водич Селин, го открила животот во регионот: се качила на џипни, најпопуларното превозно средство во земјата, и продолжила да се вози на мотоцикл сè додека не стигнала до срцето на Калинга.
Кога конечно пристигнала во Бускалан, Сара добила неочекувана вест: Апо Ванг-од, тоа утро заминала на свадба во соседното село Табук. Но, таа не била подготвена да се откаже по сите тие поминати километри. Преноќила во селото, каде што ја запознала Грејс Паликас, правнука и ученичка на Ванг-од, која е исто така експертка за баток.
Не сакајќи да се врати со празни раце, ѝ дозволила на Грејс да ја истетовира. Користејќи природно мастило и трн како игла, Сара го добила традиционалниот дизајн. „Не беше толку лошо, болката беше шест од десет“, смеејќи се рече Сара.
Следното утро, таа и нејзиниот водич тргнале на уште едно тричасовно пешачење кон Табук. Таму, откако се распрашале меѓу мештаните, ја пронашле Ванг-од: таа била во мал агол, окружена со туристи, тетовирајќи со смиреност на некој што ја практикува својата уметност повеќе од еден век.
Тогаш Сара конечно го остварила својот сон. Ванг-од го врежала својот најкарактеристичен дизајн во нејзината кожа. Имено, поради нејзината старост таа главно го тетовира само својот потпис – три едноставни точки, кои ја симболизираат неа и нејзините две правнуки, Грејс и Елјанг Виган, кои ги обучувала со години за да се осигури дека традицијата ќе продолжи.
„Се возев со авион, автобус, џипни, мотоцикл и пешачев со часови за да стигнам до тука. И сè вредеше“, рече Сара.
Она што започнало како патување за да добие тетоважа, на крајот станало најскапоцениот спомен во животот на Сара: приказна за труд, традиција и културна поврзаност што засекогаш ќе ја носи на својата кожа.
Инаку Ванг-Од почнала да ја учи уметноста на тетовирање на 15-годишна возраст од нејзиниот татко, мајстор во регионот. Во патријархална култура каде што вештината се пренесувала исклучиво на машки потомци, нејзиниот талент бил толку исклучителен што таа станала првата и единствена жена мамбаботок во своето време.