Раното откривање на рак и навременото лекување играат клучна улога во борбата против оваа болест. Кога станува збор за нашата секојдневна исхрана, таа не може целосно да го спречи настанувањето на рак, но може да биде фактор што придонесува за развој на тумор во организмот.
Исто така, кај лица кои веќе се заболени од рак, вистинската комбинација на намирници може позитивно да влијае на здравствената состојба на пациентот. Експертите истакнуваат дека секој оброк треба да биде избалансиран – со најмалку две третини растителна храна и најмногу една третина животински протеини.
Ваквиот начин на составување на оброците е еден од начините за борба против карцином што го препорачува Американскиот институт за истражување на рак, наведувајќи подобри и полоши избори на намирници и нивни комбинации.
„Прво, јадете што повеќе од ова“
Докторката Ејми Морис, специјалист за закрепнување од рак која и самата ја преживеала болеста, често споделува совети за здравје и борба против оваа опасна болест на своите социјални мрежи. Неодамна, преку ТикТок им откри на своите следбеници кои намирници треба да се избегнуваат доколку сте имале тумор, а кои треба да се консумираат.
„Јас сум специјалист за закрепнување од рак и пред шест години ја преживеав третата фаза на рак. Прво, јадете што повеќе грав и мешунки воопшто. Богати се со влакна и можат да го намалат ризикот од повторна појава на рак. Втората работа која треба да се зголеми е внесот на немасни протеини“, советува докторката.
Некои од најдобрите намирници за консумација за време на хемотерапија или други третмани за рак се протеините од растително потекло. Тоа се намирници што обезбедуваат високо ниво на витамини и минерали. Ова значи дека заболената личност треба да внесува многу зеленчук, грав, мешунки, јаткасти плодови и семки. Доколку се консумираат животински протеини, се препорачуваат немасни опции како пилешко и риба.
„Избегнувајте алкохол – го зголемува ризикот“
Докторката Морис, исто така, советува кои намирници треба да се избегнуваат доколку некој ја пребродил болеста.
„Алкохолот го зголемува ризикот од рак или негово повторно појавување. Доколку можете, трудете се целосно да го избегнувате или барем значително да го намалите внесот. Втората работа се преработките од месо – колбаси, сланина, деликатесно месо – сè што е јасно поврзано со зголемен ризик од рак. Затоа, избегнувајте ги или ограничете го нивниот внес колку што е можно“, препорачува таа.
Луѓето заболени од рак мора да бидат свесни за тоа што се случува во нивниот организам, бидејќи често имаат ослабен имунитет кој треба да се зајакне преку исхрана и внимателно избрани намирници.
Исто така, експертите нагласуваат дека сите кои боледуваат од некоја хронична болест, дури и ако не е рак, треба да внесуваат храна богата со протеини, здрави масти, интегрални житарки, витамини и минерали. Доколку е можно, секоја промена во режимот на исхрана треба да се направи пред почетокот на лекувањето, за пациентот да биде во што подобра здравствена состојба за време на третманот.