Саудијци купуваат компании низ САД и аеродроми низ Европа: Што се крие во позадина?

Точка

30/09/2025

18:01

657

Големина на фонт

а а а

Веста за аквизицијата на американскиот издавач на видео-игри „Electronic Arts“ за 55 милијарди долари е само најнов потсетник на сè посилната улога на „Public Investment Fund“ (PIF) на Саудиска Арабија на светската инвестициска мапа.

„PIF“ е основан во 1971 година, но дури со доаѓањето на престолонаследникот Мохамед бин Салман стана клучен инструмент на амбициозната стратегија „Vision 2030“ – план за трансформација на саудиската економија и намалување на зависноста од нафтата.

Фондот денес управува со имот вреден повеќе од 900 милијарди американски долари, со што се вбројува меѓу најголемите државни инвестициски фондови во светот. Целта е до крајот на деценијата да го надмине прагот од еден билион долари.


Домашни приоритети и „гигапроекти“

Во рамки на Саудиска Арабија, „PIF“ е главниот финансиер на мега-проекти кои треба да ја редефинираат сликата на кралството. Најпознат меѓу нив е „NEOM“, футуристички град во изградба вреден стотици милијарди долари.

Тука се и проектите „Red Sea Global“, „Qiddiya“, како и развојот на историските региони Дирија и Ал-Ула. Фондот вложува и во воени индустрии, дигитална инфраструктура и туризам, градејќи темели за нови извори на приходи и вработување.


Глобални амбиции

„PIF“ последниве години се позиционира и како агресивен инвеститор на меѓународните пазари. Портфолиото вклучува значајни удели во компании како „Uber Technologies“, производителот на електрични возила „Lucid Motors“, британскиот чип-дизајнер „Arm“, како и гејминг-компании преку својата подружница „Savvy Games Group“.

Инвестициите се насочени кон сектори на високи технологии, спорт и забава, како и кон финансиски институции преку партнерства со светски банки како „Goldman Sachs“.

Во Европа, „PIF“ се впиша меѓу акционерите на клучна инфраструктура и луксузни брендови. Поседува 15 проценти удел во холдинг компанијата на аеродромот „Heathrow“, еден од најважните воздушни јазли на континентот, како и 40 проценти од „Selfridges Group“, ланец на луксузни стоковни куќи во Обединетото Кралство, Ирска и Холандија.

Во Париз неодамна отвори и сопствена канцеларија, а целта е до 2030 година вредноста на европското портфолио да се удвои на околу 170 милијарди долари.


Цели и критики

Мандатот на „PIF“ е двоен: од една страна да обезбеди стабилни приноси и долгорочна финансиска одржливост, а од друга да ја забрза трансформацијата на саудиската економија. Сепак, фондот се соочува и со критики.

Организациите за човекови права и дел од западните политичари неговите активности во спортот и забавата ги поврзуваат со „sportswashing“ – обид за подобрување на меѓународниот имиџ на земјата. Аналитичарите предупредуваат и на ризиците од нетранспарентност и високите трошоци на мега-проектите кои го оптоваруваат саудискиот буџет.

И покрај критиките, „PIF“ во неполни две децении прерасна во еден од највлијателните светски фондови. Неговите потези ја менуваат рамнотежата на пазарите, обликуваат индустрии и го отвораат прашањето колку далеку Саудиска Арабија може да отиде во намерата да стане глобален инвестициски центар.

Аквизицијата на „Electronic Arts“ уште еднаш покажа дека „PIF“ повеќе не е само набљудувач, туку активен играч чии потези одекнуваат далеку надвор од Блискиот Исток, пренесува „Biznisinfo“.