Проевропската Партија на акција и солидарност (PAS) на претседателката Маја Санду освои повеќе од 50 отсто од гласовите на парламентарните избори во Молдавија и обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот. Резултатите беа дочекани како потврда на јасната определба на земјата за европскиот курс и како тежок пораз за проруските сили предводени од Игор Додон. Сепак, во самата Молдавија симболот на овие промени не е само партијата, туку и нејзината лидерка – Маја Санду.
Иако кампањата беше обележана со обвинувања за масовно руско мешање – од купување гласови до дезинформации и заплашување – граѓаните гласаа за продолжување на патот кон Европската унија. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја поздрави одлуката на избирачите со зборовите дека Молдавците „ја избраа Европа, демократијата и слободата“.
Во изминатата деценија Маја Санду стана синоним за борбата против корупцијата и за гласното „не“ на рускиот политички и економски притисок.
Од селско девојче до Харвард
Маја Санду е родена на 24 мај 1972 година во селото Рисипени, недалеку од границата со Романија. Таа пораснала во време кога Молдавија беше дел од Советскиот Сојуз, а образованието го продолжила по стекнувањето на независност во 1991. Дипломирала меѓународни односи во Кишињев, а потоа магистрирала јавна политика на престижниот "Harvard University".
Како економистка работела повеќе од седум години во канцеларијата на "World Bank" во Кишињев, а потоа и во седиштето во Вашингтон. Од таму ѝ стигнала и понуда да се врати во земјата и во 2012 година да ја преземе функцијата министерка за образование. Тој период го опишала како „ролеркостер“ – соочена со отпор и говор на омраза, но и со реформи кои драстично ја намалија корупцијата во образованието.
„Измамите на матурските испити беа речиси национален спорт. Нагло ја прекинавме таа пракса – и успеавме“, ќе каже подоцна.
Политички подем и победа над Додон
Санду во 2016 ја основа Партијата на акција и солидарност (PAS), проевропска, центар-десна партија која брзо стекна популарност. Истата година првпат се кандидираше за претседателка, но без успех. Три години подоцна стана премиерка, а во 2020 година убедливо го порази прорускиот претседател Игор Додон, влегувајќи во историјата како првата жена претседател на Молдавија.
Нејзините ветувања за чесност и компетентност одекнаа кај гласачите уморни од корупциски скандали. На почетокот вети баланс меѓу Западот и Русија, но односите со Москва нагло заладија по руската инвазија на Украина во 2022 година. Тогаш таа отворено го обвини Кремљ за обиди за дестабилизација и предупреди дека Молдавија може да биде следната мета.
Зошто Путин неја поднесува?
За Кремљ, Маја Санду е најголемата пречка за зачувување на рускиот влијателен простор на постсоветската сцена. Таа постојано лобира за европска интеграција, бара поддршка од Западот и започна реформи за намалување на зависноста од рускиот гас. Путин повеќепати го обвини Кишињев за „антируска политика“, додека Санду возврати со тврдење дека Москва води хибридна војна против нејзината земја – преку дезинформации, финансирање на опозицијата и обиди за предизвикување насилство.
Нејзината популарност и меѓународен углед се гледаат како сериозна закана за руските интереси. Романскиот историчар Арманд Госу оценува дека Санду е „првиот молдавски лидер со вакво меѓународно значење“ и „огромна шанса за Молдавија“.
Критики и предизвици
Сепак, Санду не е без критичари. Опонентите ја обвинуваат дека премногу време поминува во странство лобирајќи, додека дома растат инфлацијата и економските тешкотии. Реформите во правосудството се одвиваат побавно од очекуваното, а дел од граѓаните се разочарани од темпото на промените.
„Успеа да обедини голема гласачка база, но и релативно големо јадро на разочарани“, оценува францускиот политиколог Флоран Пармантје.
Приватен живот
На прв поглед, Санду делува ненаметливо: ниска, тенка, без гламурот кој често го следи многу политички лидери. Не е мажена, нема деца, а признала дека размислувала за посвојување. Живее во стан во Кишињев и вози постара "Toyota RAV4". Покрај мајчиниот романски, зборува англиски, руски и шпански.
Токму таа скромност дополнително ја приближува до многу Молдавци, додека Западот во неа гледа симбол на отпорот кон Путин. Економист ја нарекува „женски Давид спроти рускиот Голијат“.