Коцевски: Објавените пораки за пожарот во Кочани се дел од доказите

Макфакс

30/09/2025

19:02

571

Големина на фонт

а а а

Обвинителството води предистражна постапка за вработени во УЈП и други институции за повеќе кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Тој нагласи дека објавените пораки од ИРЛ се само мал дел од доказите што веќе се доставени до одбраната и судот, и дека постапката не е завршена. Според него, Обвинителството располага со уште десетина инкриминирачки дејствија.

„Имав состанок со обвинителите и овие податоци што беа изнесени од страна на Истражувачката репортерска лабораторија не се ништо нови. Сите овие пораки се испратени до одбраната, сите овие пораки се испратени до судот. Сите овие пораки ги имаше и Министерството за внатрешни работи, меѓутоа тоа се многу малку пораки во однос на она што Обвинителството располага во моментов. Има таму можеби уште десет инкриминирачки дејствија, што значи дека постапката воопшто не е ниту затворена не само во однос на УЈП, туку и на евентуално други институции и тука она што беше кажано сметам дека беше избрзано, имајќи предвид дека истражувачите не побараа информации од Обвинителството“, изјави Коцевски.

Во врска со предметот на ОЈО ГОКК против 13 полициски службеници, Коцевски рече дека по него постапува еден обвинител поради недостиг на кадар, но дека сите рокови се запазени. За изјавите на премиерот Мицкоски, додаде дека не сака да коментира политички оценки.