Рекет во Скопје: Изнудувале пари со закани за убиство, организаторот од Дубаи

Макфакс

30/09/2025

18:55

459

Големина на фонт

а а а

Обвинителството отвори истрага против тројца турски државјани за кои постојат сомненија за изнуда.

Тројцата осомничени во група, со сериозна закана по живот, присилиле еден оштетен, исто така државјанин на Република Турција, да им исплати 40.000 евра.

Оштетениот на 6 септември дошол во државава со намера да отвори фирма за градежништво и ИТ, а првоосомничениот, кој според досегашните сознанија се наоѓа во Дубаи, го контактирал телефонски преку мобилна апликација. Му се заканувал и му барал различни суми во износ до 70 илјади евра. Му испраќал и пораки со заканувачка содржина дека ќе го најде и во Македонија и ќе го убие доколку не продолжи да му плаќа рекет.

На 28 септември во земјава пристигнале другите двајца осомничени, од кои едниот внук на првоосомничениот и веднаш го контактирале оштетениот со намера да ги земат парите.

Се договориле да се сретнат со жртвата во еден трговски центар, па кога тој им го предал ковертот во кој се наоѓале обележани парични средства веднаш биле лишени од слобода.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги прикријат трагите или да влијаат врз сведоците, како и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, јавниот обвинител предложи на двајцата уапсени осомничени да им биде определена мерка притвор. Во однос на првоосомничениот, се преземаат дејствија за негово лоцирање со цел обезбедување за натамошната постапка.