Како помина првата година на „тефлон Марк“ на чело на НАТО?

Точка

30/09/2025

19:56

357

Големина на фонт

а а а

Како еден од најдолгогодишните премиери во Европа, Марк Руте го доби прекарот „тефлон Марк“ поради неговата способност да издржи политички удари. Но дали ја задржал таа репутација и на чело на воениот сојуз?

Преземајќи го водството на НАТО од Јенс Столтенберг на 1 октомври 2024 година, откако тој помина цела деценија на таа позиција, поранешниот холандски премиер Руте знаел дека презема задача што ги надминува сите претходни, пишува Дојче Веле. Тој знаеше дека нема да има меден месец, дека нема да има лесен влез на таа позиција, дека нема да има простор за почетнички грешки. Тој беше фаворит за работата бидејќи европските сојузници веруваа дека токму Руте, доколку Доналд Трамп биде реизбран за претседател на САД малку повеќе од еден месец подоцна е најсоодветен да го реши она што наскоро ќе стане несигурна ситуација во односите со Вашингтон.


За време на кампањата, Трамп отворено му понуди на непријателот на НАТО, рускиот претседател Владимир Путин, да прави „што сака“ со земјите што не успеаја да го исполнат ветувањето од 2014 година да трошат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана. Неговите мисли за напуштање на Организацијата на Северноатлантскиот договор ги вратија спомените од првиот мандат на Трамп.

Никогаш порано двојната одговорност на лидерот на НАТО не била поголема во однос на две од трите (главни) цели на Алијансата, како што ги „измисли“ нејзиниот прв генерален секретар, Лорд Исмеј: „држење на Американците внатре“ и „Русите надвор“. Третиот принцип, имено „држење на Германците долу“, одамна е целосно претворен во задача да Берлин да се поттикнува да го зголеми својот буџет за одбрана и воената подготвеност.

Стратешка комуникација

Руте со ентузијазам ја презеде улогата на обновување на американската посветеноста кон НАТО, но не со целосна транспарентност. Дури и пред инаугурацијата на Трамп, тој тргна да се сретне со новоизбраниот претседател во Мар-а-Лаго, патување кое безуспешно се обиде да го зачува во тајност.

Тој одлучи да работи речиси во тишина и покрај критиките од многумина, додека во исто време претседателот Трамп негодуваше околу данското постапување со полуавтономната покраина Гренланд и вети дека ќе го преземе најголемиот остров во светот „на овој или оној начин“. Неколку години претходно, тогаш како холандски премиер, Руте „се вмешал“ во монологот на Трамп за време на неговиот прв мандат, кога американскиот лидер рекол дека сè ќе биде во ред дури иако САД и Европа не постигнат трговски договор. „Не!“, рече тогаш Руте, „мора да постигнеме договор“.


Поранешниот функционер на Пентагон и НАТО, Џим Таунсенд, рече дека навестувањето за тоа што му се случи на Зеленски три недели претходно, кога не се согласи со Трамп, било премногу свежо за некој да очекува во тој момент Руте да разговара за Гренланд со Трамп. „Тоа не се прави освен ако не се во прашање животи“, рече тој. „После тоа, тивко влегувате во акција и ги поправате работите. Затоа мислам дека за Руте, ако тој се вмешаше и се обидеше да каже нешто околу тоа тогаш, тоа немаше да помине добро и ќе ја влошеше ситуацијата“, додаде Таунсенд.

Таунсенд, кој сега работи во Центарот за нова американска безбедност (Center for a New American Security), верува дека Руте можеби „претерал“ во неговото постојано ласкање кон Трамп. „Секако не е добро толку многу да му угодувате на сојузник“, забележа тој. „Не можете да имате фаворити. Но, во овој случај, бидејќи САД се моќен сојузник, важно е Руте да направи сè што е потребно за да го задржи (Трамп) во Алијансата и да биде активен во неа, а не да фрла камења по него“.

Патот до Хаг поплочен со добри намери

Она што требало да се направи за успех на самитот во родниот град на Руте, Хаг, во јуни беше кристално јасно: да се обезбеди колективен договор што повеќе од двојно ќе ја зголеми старата цел на НАТО за трошоци за одбрана на пет проценти од БДП. Тимот на Трамп предупредил дека претседателот можеби дури и нема да дојде на самитот ако тоа не е дел од договорот.

Потоа следувало интензивно лобирање од страна на генералниот секретар, дојде до креативен пресврт кон шпанскиот премиер со цел да се обезбеди неговата поддршка, иако без експлицитна согласност за 5% од БДП. До почетокот на состанокот во Хаг, Руте го исполни своето ветување и Ер Форс Уан полета преку Атлантикот кон Европа.

„Неговата способност ефикасно да се справи со внатрешните тензии и политичките пукнатини е докажана“, изјави Рем Кортевег, раководител на американската програма во Институтот Клингендаел со седиште во Хаг.


„Европските сојузници мора да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност. Сега тоа е јасно. Тие се обврзаа на зголемување на трошоците за одбрана, а САД за возврат повторно се обврзаа на одбраната на алијансата. Тоа е добра вест. Проблемот е што не знаеме колку е трајно тоа. Сето ова би можело да се покаже како краткорочни успеси. Со оглед на притисоците со кои се соочува алијансата, други важни, но можеби помалку итни, прашања сега се ставаат во втор план“, додаде Кортевег.

Во врска со билансот од првата година на чело на НАТО, ДВ побарал од неколку експерти за надворешна политика да го оценат Руте и неговите постапки во изминатите 12 месеци.

Џим Таунсенд, поранешен функционер на Пентагон и НАТО истакна: „Сè уште е рано за него, па ќе видиме дали во годините што доаѓаат ќе се пробие до највисоката оценка. Неговата енергија и оптимизмот се плус (во вистинската количина применета и во вистинско време). Но, вистинскиот тест е сега пред него: Како ќе го одржи НАТО заедно и ќе се соочи со агресивна Русија“.


Елена Лазару, генерална директорка на ЕЛИАМЕП, Грчката фондација за европска и надворешна политика рече: „Обезбедувањето на посветеноста на сојузниците за зголемени трошоци за одбрана во Хаг не беше лесна задача. Тоа помогна да се воспостави повторно чувство на континуитет и кредибилитет на алијансата. Би рекла дека генералниот секретар ги помина првите 12 месеци со соодветна комбинација на стратегија и дипломатија, и покрај повремените прекини во комуникацијата“.

Руте го „усреќи“ Трамп

Рем Кортевег, раководител на американската програма во Институтот Клингендаел со седиште во Хаг изјави: „Досега, сè е во ред. На европските сојузници на НАТО им треба време: време да ги подобрат своите воени капацитети и време постепено да преземат поголема одговорност за европската безбедност. Руте во голема мера придонесе за тоа Трамп да биде среќен и да ѝ се даде на Европа многу потребното време. Ако во меѓувреме мора да му се додвори на претседателот на САД, па нека биде така“.


Иан Лесер, раководител на канцеларијата во Брисел на Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Американски Држави изјави: „Би го оценил неговото работење со многу, многу висока оценка. Тој ги исполни очекувањата што постоеја пред неговото назначување во тој поглед… но не само тоа, тој успеа да ја убеди и алијансата во некои работи што беа многу тешки за правење, на пример, во однос на трошењето или во други работи. А потоа веројатно ќе има нови предизвици поврзани со правилата на ангажман во однос на руските воздушни напади и други работи каде што консензусот на алијансата е апсолутно клучен“.

Но сега кога самата алијанса е сè повеќе загрозена (од закани како што се беспилотни летала, упади во воздушниот простор, хибридни операции), останува да се види дали секогаш веселиот и донекаде неформален Руте може ефикасно да го води НАТО додека се соочува со зголемени надворешни притисоци. Може ли тој да биде цврст, но инклузивен генерален секретар?