Дури иако оружјето во Украина престане да се употребува, руската економија можеби никогаш нема да се повлече од воениот колосек.
Години на огромни вложувања во одбрана ја заклучија Русија во состојба на трајна милитаризација, трансформирајќи ги фабриките и вработувајќи стотици илјади нови работници. Токму тој воен погон спречи економски колапс, правејќи го секое повлекување сега исклучително опасно.
Се чини дека Кремљ нема намера да забави. Претседателот Владимир Путин инсистира на континуираната потреба од моќни и добро опремени вооружени сили, предизвикувајќи загриженост кај западните лидери кои веруваат дека таа силат би можела да се сврти кон НАТО во следните пет години. Во долгорочната визија на Путин, просперитетна одбранбена индустрија е клучен дел од иднината на Русија, пишува Блумберг.
Дилемата за вишокот оружје
Додека Путин ги крои своите планови, а Европа инвестира милијарди во сопствено вооружување, се поставува клучно прашање: што да се прави со огромниот вишок тенкови, ракети и друго оружје што руските фабрики го произведуваат во рекордни количини?
Една опција е она што сега е огромен буџетски товар да се претвори во одржлив извор на приходи преку продажба на оружје на сојузници како Кина. Од друга страна, акумулацијата на ова оружје на источните граници на НАТО дополнително ги дестабилизира односите со Европа и се заканува да стане товар за економијата која веќе се бори со санкции, нестабилни банки и бавен раст.
Самиот претседател Путин за време на посетата на најстарата фабрика за оружје во Русија минатата недела јасно исткна дека гледа подалеку од војната, велејќи дека „побарувачката за модерни вооружени сили нема да заврши тука“.
Неверојатен раст на производството од почетокот на инвазијата
Обемот на растот на руското воено производство е зачудувачки. Пред инвазијата на Украина во 2022 година, Русија планирала да испорача околу 400 оклопни возила во наредната година. Денес, испорачува десет пати повеќе.
Значителен напредок е постигнат и во производството на беспилотни летала, кои станаа клучен дел од модерното војување. Откако првично се потпирала на увоз од Иран, Русија произвела 1,5 милиони свои беспилотни летала минатата година, во споредба со само 140.000 во 2023 година.
Меѓутоа, цената на војната е огромна. Само помеѓу 2022 и 2024 година, трошоците за одбрана се очекува да достигнат најмалку 22 трилиони рубли (263 милијарди долари), според официјалните бројки. Притоа нема знаци дека трошоците ќе се намалат во следните три години, што дополнително ќе создаде буџетски дефицити во економијата што веќе е под притисок од санкциите.
Извоз на оружје како стратегија за излез
Како модел за иднината Русија може да се потпре на ерата по Втората светска војна. Според Татјана Орлова од „Оксфорд економикс“, транзицијата на Советскиот Сојуз кон воена економија во 1941 година ги постави темелите за да стане водечки светски извозник на оружје по војната.
„Руско-украинската војна стана џиновски тест-полигон за ново оружје и технологии“, рече Орлова. Таа верува дека откако конфликтот ќе заврши или ќе влезе во фаза на замрзнат конфликт, „двете земји веројатно ќе ја извезат технологијата и опремата што се покажале како најуспешни“.
Дури и пред инвазијата на Украина, Русија беше втор најголем извозник на оружје во светот, веднаш зад САД, но продажбата опаднала во последните години бидејќи целото производство го фокусирала на сопствените воени потреби. Сега се чини дека се враќа на глобалниот пазар.
Руската одбранбена индустрија повторно учествува на меѓународни саеми за оружје во Индија, Кина, Блискиот Исток и Африка, а за прв пат по шест години, руското оружје е изложено во Малезија и Бразил.
Државниот извозник Рособоронекспорт, кој управува со околу 85% странска продажба, вели дека потиснатата побарувачка довела до рекорден број нарачки од 60 милијарди долари, обезбедувајќи им на фабриките работни места и повеќегодишни договори.
Процените сугерираат дека Русија би можела да извезува воена опрема во вредност од 17 до 19 милијарди долари годишно во првите четири години по војната, таргетирајќи ги пазарите на Глобалниот Југ каде што земјите се стремат да ја намалат својата зависност од САД.
„Побарувачката за руско оружје не исчезна“, рече Ана Боршчевскаја, од Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика. „Службениците на Блискиот Исток и Северна Африка би го виделе дури и ограничениот или привремен договор за Украина како зелено светло за брзо искористување на производството на Москва“. Една од мамките е цената, бидејќи масовното производство доведе до значително намалување на трошоците.
Ризици и одговорот на Путин
Сепак, оваа стратегија има и свои слабости. Нарачките на „Рособоронекспорт“, иако импресивни, сè уште покриваат помалку од половина од годишниот буџет за одбрана на Русија. Потенцијалните купувачи би можеле да бидат под притисок од Западот, а падот на домашната побарувачка по војната би можел да доведе до отпуштања и намалување на платите, предупреди Орлова, бидејќи извозот нема да биде доволен за да ги одржи фабриките во полн капацитет.
Путин, од друга страна, инсистира дека парите инвестирани во воено производство не се потрошени залудно и е свесен за предизвиците што претстојат. За да се олесни транзицијата, покрај зголемениот извоз, тој се залага и за поблиска соработка меѓу одбранбените и цивилните компании.
Според него, таканареченото производство со двојна намена веќе треба да биде можно за компоненти во сектори како што се бродоградба, авијација, електроника, медицинска опрема и земјоделство.
Сепак, за Путин, клучниот фактор во донесувањето одлуки ќе остане одржувањето на борбено подготвена армија на која може да се потпре надвор од непосредните потреби. Ова значи дека огромниот капацитет за воено производство на Русија е изграден за да трае.