Евтино овошје што може да ги замени скапите лекови за холестерол

Точка

29/09/2025

11:27

744

Големина на фонт

а а а

„Едно јаболко на ден и лекар не ви е потребен“, е позната изрека што нè потсетува на благотворното дејство на ова омилено овошје врз нашиот организам.

Меѓутоа се поставува прашањето кои сорти се всушност најздрави?

Јаболката се состојат од околу 85% вода, што ги прави нискокалорично овошје, со просек од 50 до 70 калории по парче. Тие содржат значителни количини на витамин Ц, фолна киселина, железо, калиум, калциум, магнезиум, како и влакна како што се пектин и целулоза.


Покрај тоа, тие се богати со фитохемикалии и антиоксиданти, особено полифеноли, кои ги штитат клетките од слободни радикали. Мали количини на витамини А, Б1, Б2, ниацин, Б6 и Е исто така придонесуваат за хранливата вредност, а концентрацијата на овие супстанции зависи од сортата.

Британските научници откриле дека редовната консумација на јаболка може да има сличен ефект врз намалувањето на холестеролот како и статините. Според студијата, доколку 70% од британското население над 50 години јаде едно јаболко дневно, би можеле да се спречат околу 8.500 смртни случаи годишно.

Стари сорти и полифеноли

Старите сорти на јаболка како што се бобовац, канадска ренета, машанка и зеленика се особено богати со полифеноли и се ценети поради нивната отпорност и вкус. Овие соединенија имаат антиоксидантни својства, помагаат во регулирањето на крвниот притисок и ги намалуваат воспаленијата. Полифенолите исто така можат да ги неутрализираат алергените, правејќи ги овие сорти поподносливи за луѓето склони кон алергии. Спротивно на тоа, поновите сорти како што се брејбурн, елстар, златен делишес, грени смит и јонаголд содржат значително помалку полифеноли.


Црвените и розовите јаболка, како што се претходно споменатите стари сорти, се особено богати со витамини благодарение на антоцијанините во лушпата. На пример, сортите глостер и „cox’s orange“ се исто така меѓу овие нутритивно богати јаболка. Грени смит, иако популарна, содржи значително помалку витамини.

Германскиот портал „24 Vita“ советува кога е можно, да не ги лупите јаболката, туку само добро да ги измиете, бидејќи влакната и секундарните растителни материи се во лушпата или веднаш под неа. Исто така, се препорачува да се купуваат јаболка од локални фарми, по можност органски, со цел да се избегнат пестициди и да добиете овошје со поголема содржина на полифеноли.