[ФОТО] Им се „смачило“ од туристи: Познатото холандско село воведува влезници од 17,50 евра

Точка

29/09/2025

17:26

761

Големина на фонт

а а а

Историското холандско село Заансе Шанс, познато по своите живописни ветерници, оваа година очекува дури 2,8 милиони посетители, што стана неодржливо за заедница од само 100 луѓе.

Поради сè поголемите толпи и проблемите што ги создава масовниот туризам, локалниот совет најави драстична мерка – од следната пролет сите посетители ќе мора да плаќаат влезница од 17,50 евра, пренесе Би-би-си.

Одлуката е редок пример за воведување на такса за влез во целото место, но причините стануваат појасни по изјавата на директорката на селскиот музеј, Мариеке Вервај.


„Во 2017 година имавме 1,7 милиони посетители, а оваа година сме на добар пат кон 2,8 милиони. Но, ова е мало место! Едноставно немаме простор за сите тие луѓе!“, истакна таа.

Живот без приватност

Вервај додаде дека посетителите често забораваат дека луѓе живеат во селото. „Тие не знаат дека луѓето живеат тука, па така влегуваат во нивните градини, во нивните куќи, уринираат во нивните градини, тропаат на вратите, се фотографираат, користат селфи стапчиња за да ѕирнат во куќите. Значи, воопшто нема приватност“, објасни таа.


И навистина, глетката е идилична. Зелено обоената дрвена ветерница и друга со сламени ѕидови се глетките што повеќето луѓе сакаат да ги фотографираат. На најдобрите локации за селфи настануваат долги редици, а на малиот мост што води до ветерниците можат да се слушнат бројни светски јазици – од кинески и англиски до шпански и руски.

Што е вклучено во цената?

Планот е посетителите да резервираат и да платат билети преку интернет. За 17,50 евра, тие ќе добијат влез во музејот и внатрешноста на ветерниците, две атракции за кои досега морале да плаќаат посебно. Музејот, исто така, содржи слика од локалните ветерници насликана од Клод Моне во 1871 година, додека внатре во ветерниците можете да се види како Холанѓаните во 17 век мелеле жито, пигменти за бои и сечеле дрво.


Доколку само половина од сегашниот број туристи продолжат да доаѓаат, годишниот приход од билети би изнесувал околу 24,5 милиони евра. Советот планира да ги инвестира овие пари во одржување на ветерниците и нова инфраструктура, како што се јавни тоалети.

Мислењата се поделени

Меѓутоа, сопствениците на продавници и ресторани не се задоволни. Имено и самите продавници се атракции – персоналот носи традиционални носии, има демонстрации на изработка на кломпи и сè е сместено во стари дрвени куќи. Стер Шаап, ко-сопственичка на продавницата за сувенири, верува дека новата мерка го загрозува нивниот бизнис.


„Ужасно е. Тоа ќе значи дека луѓето кои немаат дебел паричник нема да можат да доаѓаат тука“, истакна Шаап. „Ќе изгубиме многу клиенти. Ако сте со четиричлено семејство и плаќате за паркинг, тоа ќе биде околу 100 евра. Луѓето нема да имаат многу буџет за останати работи“, додаде таа.


Исто така и туристите имаат поделени мислења. „Не знам дали би платил 17,50 евра за да дојдам тука. Малку е премногу само за да се видат неколку ветерници“, изјави Ишан од Канада. Од друга страна, Елисија, која живее во Холандија, ја поддржа одлуката: „Овие села не се толку големи и го губат својот шарм кога има толку многу туристи“. Стив од САД смета дека понудата е фер. „Скржави луѓе како мене гледаат ветерница и велат „не, нема да платам дополнително за да влезам внатре“, но ако сè е вклучено, не би се двоумел“, заклучи тој.


Глобален тренд

Наплатата на влезници во селата и градовите станува сè почеста практика во борбата против прекумерниот туризам. Венеција наплаќа 5 евра за еднодневни посети, Бутан има дневна такса за сите туристи, а заедници како Кловели во Англија или Корено Плинио во Италија вовеле слични мерки.


За неколку месеци, посетителите што ќе пристигнат во Заансе Шанс ќе мора на влезот да ги покажат своите однапред платени влезници.