Кога стресот господари со нашиот живот, виновен е и овој хормон: Како да го регулираме на природен начин?

Точка

29/09/2025

12:02

731

Големина на фонт

а а а

Стресот е неизбежен дел од многу активности. Кога е краткотраен, на пример поради физички напор, најчесто не претставува голем проблем. Но, кога е постојан, поради семејни или деловни проблеми, речиси знае да завладее со нашиот живот, пишува „Е-клиника“.

Лекарите велат дека во таква состојба, кога стресот ни го нарушува сонот и трае 24 часа дневно, доаѓа до пораст на нивото на хормонот кортизол. Тој нè разбудува наутро и нè подготвува за работниот ден, но е познат и како „хормон на стресот“. Кортизолот го обезбедува одговорот на телото во стресни ситуации, а ако е долгорочно зголемен, може негативно да влијае врз физичкото и менталното здравје.

Што е кортизол?


Иако е познат како „хормон на стресот“, кортизолот има многу важни функции. Тој контролира вредности на крвниот притисок и шеќерот, учествува во имунолошкиот одговор, во справувањето со воспалителни процеси и помага телото да реагира на стрес преку механизмот „бори се или бегај“.

„Кортизолот е хормон кој го произведуваат надбубрежните жлезди, сместени на врвот на бубрезите. Тие се дел од хипоталамусно-хипофизно-надбубрежната оска, која го регулира метаболизмот, растот и репродукцијата“, објаснува д-р Лина Шахла, ендокринолог.

Зошто доаѓа до зголемување на нивото на кортизол?

„Кортизолот има природен дневен ритам (циркадијален ритам). Највисок е наутро, а во текот на денот постепено опаѓа, со најниски вредности навечер“, вели д-р Шахла. Тој ритам ни помага да го започнеме денот и го подготвува телото за сон.

Но, ако нивото е високо и навечер, можно е да станува збор за здравствен проблем – состојба наречена хиперкортизолизам. Причини можат да бидат хроничен стрес, прекумерна употреба на стероиди или Кушингов синдром.

Фактори што го зголемуваат кортизолот


• Кушингов синдром (тумор на хипофизата, надбубрежните жлезди или други органи);

• Психолошки или физички стрес;

• Интензивно вежбање (привремено го зголемува кортизолот);

• Недостаток или лош квалитет на сон;

• Воспалителни болести, автоимуни нарушувања, хронични инфекции;

• Употреба на кортикостероиди (пр. преднизон);

• Прекумерна консумација на алкохол и кофеин.

Kако влијае високиот кортизол врз организмот?

Хронично зголеменото ниво може да предизвика:

• дебелина, особено околу стомакот;

• висок притисок;

• дијабетес;

• остеопороза;

• срцеви заболувања;

• проблеми со меморија и концентрација;

• несоница;

• промени во расположение, нервоза;


• умор и слабост на мускулите;

• ослабен имунитет;

• нередовни менструации;

• ниско либидо.

Како да се намали нивото на кортизол?

Ако се сомневаме дека кортизолот е зголемен, потребно е лекарско испитување. Тој се мери преку крв, плунка или урина.

Природни начини за намалување:

• техники за релаксација (длабоко дишење, медитација, јога, прогресивна релаксација на мускулите);

• редовна физичка активност (најмалку 30 минути дневно);

• квалитетен сон (легнување во исто време секој ден);

• здрава исхрана (интегрални житарки, овошје, зеленчук, омега-3 масти, немасни протеини);

• избегнување преработена и слатка храна;

• поддршка од семејството и пријателите, време за хоби.

Дали се потребни лекови?

Во повеќето случаи, природните методи се доволни. Но, кај сериозни состојби како Кушингов синдром, се користат лекови:

• блокатори на стероидни рецептори (мифепристон);


• инхибитори на ензими кои произведуваат кортизол (кетоконазол, осилодростат, метиропон, левокетоконазол);

• лекови што го инхибираат адренокортикотропниот хормон (пасиреотид).

„Секогаш користете најниска можна доза стероиди во најкратко време и исклучиво во консултација со лекар“, предупредува д-р Шахла.

Долготрајно висок кортизол може сериозно да влијае врз здравјето. Со мали промени, подобра контрола на стресот, квалитетен сон, редовна физичка активност и здрава исхрана, повеќето луѓе можат значително да го подобрат своето физичко и ментално здравје.