Откако Доналд Трамп изјави дека постои поврзаност помеѓу земањето на Тајленол (парацетамол) за време на бременост и нарушувањата од спектарот на аутизам, бремените жени почнаа да објавуваат видеа на социјалните мрежи како го земаат овој лек против болка.
Многу од нив порачаа дека не сакаат да примаат медицински совети од претседател кој нема медицинска диплома, а со нив се согласија и многу лекари, пишува „Newsweek“.
„Пораката на Трамп е штетна и неоснована“
Трамп за време на обраќањето во Белата куќа сугерирал дека ацетаминофенот, активната состојка во Тајленол, може да биде поврзана со зголемена стапка на аутизам во САД, иако експертите истакнуваат дека таа поврзаност сè уште не е докажана. Медицинските експерти тврдат дека пораката на претседателот не само што е „штетна“, туку и дека не е поткрепена со „целокупни научни докази“.
„Доналд Трамп е последната личност на која би ѝ верувала кога станува збор за медицински совети“, изјавила д-р Луси Мекбрајд, додавајќи дека Тајленол е еден од ретките лекови што бремените жени смеат да ги земаат за намалување на висока температура, која може да биде опасна и за мајката и за бебето.
Изјавата одекнала и надвор од САД, па така британскиот министер за здравство, Вес Стритинг, им препорача на бремените жени во Обединетото Кралство „воопшто да не обрнуваат внимание на тоа што Доналд Трамп зборува за медицината“.
Тренд на социјалните мрежи
На социјалните мрежи, особено на X и ТикТок, се шират бројни видеа. Во едно од нив, жена се снима додека зема Тајленол со натпис: „Еве ме, БРЕМЕНА СУМ, земам ТАЈЛЕНОЛ затоа што верувам во науката, а не во некој што нема медицинско образование.“
Корисничката на ТикТок, @natalie.kehl, во видео со повеќе од 112.000 прегледи порачала дека нема да ги слуша советите на личност без диплома од наука, здравство или медицина.
Друга корисничка, @aileenbystronova, објавила видео во кое се повикува на Елон Маск и Марк Цукерберг, кои откриле дека се аутистични, и порачала:
„Ќе почнам да земам Тајленол штом дознаам дека сум бремена, затоа што изгледа дека целата оваа работа со аутизмот добро функционира за Марк, Елон и сите други технолошки милијардери.“
Поделени мислења
Изјавата на Трамп предизвика остра поделба на интернет. Додека некои, вклучително и лекари, изразија загриженост поради можните последици од неговите зборови, други ги критикуваа бремените жени. Лекарите предупредуваат дека високата температура во бременоста е поврзана со зголемен ризик од вродени мани и дека избегнувањето на Тајленол може да доведе до „невролошки развоен пореметување кај фетусот“.
Сепак, како што трендот се проширил, дел од лекарите ги повикаа жените да престанат да го земаат Тајленол само за да „му пркосат на Трамп“.
Д-р Никол Сафиер, радиолог и соработничка на „Fox News“, во објава на X која собра повеќе од 1,5 милиони прегледи, напиша:
„Не ја инструментализирајте својата бременост за политички цели.“
Слично предупредил и Ашиш Џа, координаторот за одговор на COVID-19 од администрацијата на Бајден, велејќи дека „не е добра идеја“ бремените жени да земаат лекови ако тоа не е неопходно.
Што велат стручњаците и јавноста
„Бремени жени кои земаат Тајленол како бонбони Тик-Так само за да му пркосат на Трамп – ве молам, престанете. Не ја инструментализирајте својата бременост за политички цели. Размислете за ацетаминофен само кога е апсолутно неопходно, во најкратко можно времетраење и во најниска доза – дури и производителите на Тајленол го велат тоа“, напишала д-р Никол Сафиер.
Pregnant women popping Tylenol like Tic Tacs just to stick it to Trump — please stop.
— Nicole Saphier, MD (@NBSaphierMD) September 23, 2025
Don’t weaponize your pregnancy for a political point.
Consider acetaminophen only when absolutely necessary, for the shortest duration and lowest dose, even the makers of Tylenol say this.
„Бремени жени кои земаат Тајленол специфично затоа што за тоа говорел маж кого не го сакаат – токму такво однесување е причината зошто некои мажи сакаат да ни го одземат правото на глас, лол“, коментирала корисничката на X, Хејзел Аплијард.
Д-р Стивен Флајшман, претседател на Американскиот колеџ на акушери и гинеколози (ACOG), изјавли:
„Сугестиите дека употребата на ацетаминофен во бременост предизвикува аутизам не се само многу загрижувачки за клиничарите, туку се и неодговорни, со оглед на штетната и збунувачка порака што им се испраќа на бремените жени.“
Тој додал дека таквите тврдења не се поткрепени со научни докази и опасно ги поедноставуваат сложените причини за невролошки нарушувања кај децата.