Зошто Германците се уверени дека Русите ќе ја нападнат Европа по 2029 година?

Точка

24/09/2025

22:47

1.764

Големина на фонт

а а а

Кога германскиот министер за одбрана Борис Писториус во јуни 2024 година пред Бундестагот изјави дека Германија „до 2029 мора да биде подготвена за војна“, неговите зборови одекнаа низ цела Европа. Тоа беше првпат висок претставник на германската влада толку отворено, со конкретна временска рамка, да предупреди на можност за војна меѓу Русија и НАТО.

Во својот говор Писториус рече дека „не смееме да веруваме дека Путин ќе застане на украинските граници“ и дека Германија мора до крајот на деценијата да биде подготвена за сценарио на директна конфронтација. Подоцна се покажа дека наведената година 2029 всушност била резултат на недоразбирање.

Според информации на „WDR“, министерот бил информиран врз основа на анализа изработена уште во 2023 година. Во неа се проценувало дека на Русија ќе ѝ бидат потребни три до пет години за да ги надомести загубите во Украина и да биде подготвена за можен судир со НАТО – што упатувало на 2026 – 2028, а не на 2029 година.

И покрај грешката, Министерството за одбрана решило да не ја исправува јавната изјава. Наместо тоа, почнало да користи пошироки формулации како „до крајот на деценијата“, наведува „Tagesschau“.


Заедничка анализа на закани од НАТО

Клучот за проценките била заедничката анализа на закани на НАТО („Joint Threat Assessment“), во која учествувале земји со напредни разузнавачки капацитети и сателити. Експертите разгледувале неколку клучни прашања: колку оружје и муниција навистина произведува руската индустрија, колку се ефикасни санкциите врз руската воена економија, какви се реалните загуби на бојното поле во Украина и како напредува новата мобилизација.

Во анализата биле комбинирани јавни податоци и доверливи разузнавачки информации, вклучувајќи сателитски снимки. Заклучокот бил дека Русија не само што може да ги надомести загубите, туку и да ги зголеми капацитетите. Големи количини муниција и ракети, на пример, не се испраќаат на фронтот, туку се складираат за можни идни операции.

Поддршка од сојузници и изградба на бази

Клучен елемент за руското закрепнување е поддршката од сојузниците како Кина, Иран и Северна Кореја. Со нивна помош Москва успева да ја одржува воената продукција.

Истовремено, сателитските снимки покажуваат изградба на нови воени бази во западните делови на Русија, покрај границата со Финска и балтичките држави. Се модернизираат и објекти во Белорусија, вклучително и инфраструктура за сместување тактичко нуклеарно оружје. Особено загрижува проширувањето на железничките врски, кои, според проценки, би овозможиле преместување на балистички ракети за само половина час.


Скептицизам во разузнавачките служби

И покрај овие наоди, многумина во разузнавачките кругови се скептични кон прецизни прогнози со конкретни години. Премногу непознати фактори влијаат: текот на војната во Украина, состојбата на руската економија или односот на идната американска администрација кон НАТО.

Примерите од минатото покажуваат дека ваквите прогнози често биле погрешни. Германската разузнавачка служба "BND" во 2012 година предвидуваше брз пад на режимот на Башар ал-Асад во Сирија, што не се случи. Исто така, не го предвидеа брзиот пад на Кабул во 2021 година, кога талибанците влегоа во главниот град на Авганистан.

Аналитичарите предупредуваат дека воената моќ сама по себе не е доволна за да се предвиди и политичката цел – никој не може со сигурност да каже дали и кога Путин би се одлучил за конвенционална војна со НАТО. Неговата стратегија често се темели на изненадување.

Русија денес е под се поголем економски притисок. Нападите на украински дронови врз рафинерии и енергетска инфраструктура ги покачија цените на горивото, додека мобилизацијата на нови војници повеќе не оди со претходното темпо. Некои аналитичари сметаат дека тоа би можело да го обесхрабри Кремљ од отворање поголем судир, но нема гаранции дека Путин ќе се повлече.


Растечки тензии во Европа

Загриженоста дополнително ја засилуваат руските провокации во европскиот воздушен простор. Сè почести се упадите на дронови и борбени авиони во воздушниот простор на балтичките земји, Полска и Финска. Веќе кон крајот на 2024 година, тогашниот шеф на "BND", Бруно Кал, предупреди дека руските генерали размислуваат да го тестираат членот 5 од НАТО, според кој напад на една членка се смета за напад на сите.

За Берлин и неговите сојузници тоа значи само едно: без разлика дали ќе биде во 2028, 2029 или подоцна, подготовките за одбрана и инвестициите во армијата не смеат да запрат. Како што нагласи министерот Писториус, целта е до крајот на деценијата да се создаде војска способна за одвраќање и одбрана – затоа што токму тоа може да спречи воопшто да дојде до судир.