Нетанјаху лета до Њујорк по подолга рута поради страв од апсење

Макфакс

25/09/2025

11:19

173

Големина на фонт

а а а

Патеката на летот на авионот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху до Њујорк, каде што треба да присуствува на Генералното собрание на ОН, го избегнува воздушниот простор на повеќето земји освен Италија и Грција, и покрај значително подолгото патување.

„Тајмс оф Израел“ објавува дека маршрутата, видлива на веб-страницата „Флајт тракер“, може да биде обид да се избегнат проблеми поврзани со налогот на Меѓународниот кривичен суд за негово апсење за наводни израелски воени злосторства во војната против Хамас во Газа.

Многу земји изјавија дека, по налогот на Меѓународниот кривичен суд за наводни воени злосторства, што Израел го негира, би го уапсиле Нетанјаху доколку тој е присутен на нивна територија.

Франција, која вообичаено се наоѓа по рутата на овој лет, минатата година изјави дека нема да го уапси израелскиот премиер, и покрај критиките од Европската Унија, објави израелскиот портал.

Според извештајот, летот, со израелскиот државен авион, веројатно ќе го избегне и воздушниот простор на Шпанија, која вети дека ќе помогне во истрагата на Меѓународниот кривичен суд.

Кога израелскиот премиер отпатува во САД во февруари, тоа патување беше исто така продолжено, делумно поради загриженоста во врска со налогот за апсење за Нетанјаху.

Нетанјаху наводно го откажал патувањето во Азербејџан во мај за да избегне летање над Турција, чиј претседател е Реџеп Таип Ердоган, жесток критичар на Израел кој го поздрави налогот за апсење, објави израелскиот портал.