[ВИДЕО] Иран тврди дека поседува информации за израелскaта нуклеарна програма

Макфакс

25/09/2025

11:15

545

Големина на фонт

а а а

Иранското министерство за разузнавање објави прилог на државната телевизија во кој, како што тврди, се прикажуваат документи и видеа прибавени од израелски разузнавачи, поврзани со нуклеарниот програм на Израел.

Според иранските медиуми, материјалот содржел снимки од внатрешноста на израелски нуклеарни и други чувствителни објекти, меѓу кои и центарот во Димона. Биле презентирани и детали за научници и службеници кои, наводно, работат на израелската нуклеарна програма.

„Идентификувавме 189 израелски нуклеарни научници и високи функционери, заедно со нивните мрежи,“ изјави министерот за разузнавање Есмаил Хатиб, додавајќи дека дел од нив соработувале со Иран за пари.

Како пример, Хатиб наведе вработен кој работел на седум нуклеарни локации преку фирмата ROTEM, како и научник кој наводно бил вклучен во проекти за проширување на нуклеарното оружје со САД.

Во прилогот беше спомнат и институтот „Хаим Вајцман“, кој иранската страна го претстави како водечки центар за развој на нуклеарното оружје, а кој бил цел на ирански балистички ракети за време на 12-дневната војна во јуни.

Дополнително, биле прикажани документи што сугерираат можни врски и нуклеарна соработка меѓу Израел и Франција во рамки на проект наречен SARAF.

Интерес предизвика и дел од материјалот со приватни и семејни фотографии на директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Рафаел Гроси. Иранските власти тврдат дека тие биле прибавени од израелски извори и дека докажуваат дека израелската разузнавачка служба шпионирала и меѓународни функционери.