На социјалните мрежи се шири СМС порака која е наводно напишана од убиената Росица Коцева, која лично му се обратила на министерот Панче Тошковски и очајно го молела за помош.
На објавената фотографија не може да се види датумот на испраќање, ниту, пак, дали телефонскиот број е на министерот бидејќи недостасуваат последните три цифри, а текстот гласи:
„Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безисходна ситуација. Сепак, оваа власт ја гласавме и поддржуваме ние граѓаните. Човекот кој од декември, па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид насилство, силува, прогонува и последно пред пет дена ми ја запали колата е сè уште на слобода. Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин“, пишува во пораката, каде во продолжение е додаден и бројот на предметот во скопското обвинителство и Судот во Велес.
По повод ваквите тврдења, се огласи и министерот за внатрешни работи и остро ги отфрли истите.
„Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста, а воедно упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели“, соопшти ПР-службата на Министерството за внатрешни работи.
Велешанката Росица Коцева беше убиена на 15 септември заедно со татко ѝ во семејната куќа од страна на нејзиниот поранешен партнер, кој подоцна се самоуби. Таа претходно повеќепати го пријавувала во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки од страна на Обвинителството.