[ВИДЕО] Случајно се нашол среде хаосот во Непал, па вели: „Јас сум идиот со камера и малку храброст“

Точка

19/09/2025

20:34

1.026

Големина на фонт

а а а

Британскиот Јутјубер Хари, на социјалните мрежи познат како „WeHateTheCold“, стана неочекуван сведок и снимател на протестите во Непал предводени од Генерацијата З.

Наместо вообичаените видеа од неговите патувања со мотор, неговото најново дело претставува документирање на хаотичните настани во Катманду и веќе собра повеќе од 23 милиони прегледи.

Протести поради забраната на социјалните мрежи и корупцијата

Пред десетина дена Непал беше погоден од серија масовни протести откако властите накратко воведоа забрана за социјалните мрежи, потег што предизвикал негодување кај младите луѓе. Иако одлуката била брзо поништена, незадоволството од наводната корупција во владата продолжи да расте. Само во главниот град Катманду, повеќе од 200 луѓе биле повредени во судирите меѓу демонстрантите и полицијата.

Хари, кој има повеќе од 470.000 следбеници на Јутјуб, неочекувано се нашол среде протестите. Тој снимил скршени автомобили, барикади, полициски кордони и судири пред парламентот.

Од патописни снимки до „револуција“

Хари е познат по своите патописи со мотоцикл низ целиот свет. Патувал од Тајланд кон Велика Британија кога одеднаш се нашол во полициски час во Непал. „Не можам да верувам што видов денес. Протестите на Генерацијата З во Непал од моја перспектива“, напиша тој во описот на видеото. Додал дека ќе почека ситуацијата да се смири пред да го продолжи своето патување.

За да спречи шпекулации, тој нагласил дека не е новинар: „Јавно соопштение – не сум новинар. Само идиот со камера и (можеби) малку храброст. Налетав на ова додека возев мотор од Тајланд кон Велика Британија“.


Снимката предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. „Заспал како турист, се разбудил како новинар“, напиша еден гледач. „Тој не го избрал новинарството, новинарството го избрало него“, додаде друг. Трет заклучи: „Човекот само сакал да стигне до Англија, а случајно ја снимил целата револуција“.

Многумина го нарекле неговото видео „најискрениот и нефилтриран увид во историјата“, токму затоа што доаѓа од обичен патник, а не од професионален медиум.


Непал ја доби својата прва премиерка

Тензиите во земјата малку се смириле на 13 септември, кога властите го укинале полицискиот час во и околу Катманду. Еден ден претходно, Сушила Карки, првата жена на чело на непалска влада, положила заклетва, што претставува историски момент за оваа азиска земја.


Хари, од друга страна, чека нормализирање на околностите за да го продолжи своето патување со мотоцикл до Велика Британија – но веќе ненамерно станал автор на една од најгледаните и најнеобични снимки оваа година.