Моделот, водителка и активистка Падма Лакшми и на 54 години изгледа беспрекорно, но нејзината убавина не секогаш била благослов. Напротив – поради својот атрактивен изглед таа привлекувала богати, моќни и најчесто постари мажи, но нејзините бракови не успеале да опстанат.
Падма Лакшми, долгогодишна водителка на популарното кулинарско натпреварување „Top Chef“, во 1999 година го запознала светски познатиот писател Салман Ружди и била воодушевена од неговата брилијантност и речитост. Разликата од 24 години не била пречка – писателот лесно ја освоил, а не ѝ сметало ни тоа што во моментот кога почнале да се гледаат бил во својот трет брак. Но, нејзината болест и неговото изразено либидо станале клучна точка на распадот.
„Можете само да замислите како се чувствува млада жена во своите дваесетти, која обожава книги и која штотуку ја објавила својата прва кулинарска книга, кога ќе запознае таков човек. Фактот дека некој од тој калибар воопшто бил заинтересиран за мене и сакал да ме изведе на ручек беше неверојатен“, се присети Падма во интервју за „People“.
Во тој период Ружди живеел со својата трета сопруга. Лудо се вљубил во Падма и се развел поради неа, а во 2000 година почнале да живеат заедно. Четири години подоцна се венчале и на почетокот нивниот брак изгледал совршено – нешто што Лакшми го опишала во својата автобиографија „Love, Loss, and What We Ate“.
„Конечно имав некого што ме разбира, затоа што беше Индиец, а воедно живееше и на Запад, и беше вешт во движењето меѓу тие два света“, објасни Падма.
Но додека светот верувал дека славниот писател ја обожава, вистината била сосема поинаква.
„Ме тераше на интимни односи, иако знаеше дека ме боли“
По венчавката, на Падма ѝ била дијагностицирана ендометриоза, поради која често морала да лежи, мачена од неподносливи болки. Сепак, Ружди инсистирал на редовни интимни односи, без оглед на нејзината состојба. Во еден момент, без трошка чувствителност, ја нарекол нивната врска „лоша инвестиција“.
Во својата книга Лакшми открила дека морала и секоја година да го теши поради неговите неуспешни обиди да ја добие Нобеловата награда.
„Мислам дека Салман тоа го доживуваше лично, чувствуваше дека е одбиен и тоа можам да го разберам“, изјави таа.
Со текот на времето, неговата огорченост поради нејзиниот растечки успех во кариерата уште повеќе ја нарушила врската. Еднаш дури ѝ рекол дека таа „воопшто не е погодна за улогата на втора виолина“.
Иако Падма отворено зборуваше за непријатните детали од нивниот брак, таа нагласува дека денес со Ружди се пријатели.
„Во многу аспекти, сè уште го сметам за дел од моето семејство. Мислам дека ако навистина се заљубите во некого, дури и ако престанете да го сакате, секогаш останува еден мал пламен во срцето кој никогаш не згаснува“, признава Лакшми.
Забремени со еден, се омажи за друг
По разводот, Падма започнала врска со милијардерот Теди Форстман. Но во исто време почнала да се гледа и со Адам Дел, основачот на познатата ИТ-компанија „Dell Inc“. Брзо сфатила дека е бремена, но не знаела кој е таткото – Теди или Адам.
Одлучила да ја изгради својата иднина со Форстман, кој тогаш имал 69 години. Но, тестот за татковство покажал дека Адам е биолошкиот татко. Следела жестока битка за старателство. Само две години подоцна, Форстман починал од рак, но иако знаел дека не е татко, ѝ оставил акции во фонд вреден две милијарди долари.
За Адам Дел, Падма подоцна изјавила: „Тоа беше грешка во тој момент, но избор што свесно го направив.“
„Тогаш веќе не бев во брак и не сакав сериозна врска. Бев возрасна и независна жена. Потоа забременив, што беше чудо со оглед на моите долгогодишни проблеми со ендометриоза“, откри таа.
Со тек на времето, Адам и Падма постигнале договор околу старателството за ќерката Кришна, која неодамна дипломирала. Интересно е што во 2017 година накратко ја обновиле својата врска, но во 2021 дефинитивно се разделиле.
„Кришна на крајот растеше опкружена со љубовта на двајца татковци“, нагласува Лакшми, која секогаш гласно се залагала за родова рамноправност и женски права.
Покрај тоа, Падма имала и романса со актерот Ричард Гир. Денес е сама, посветена на својата ќерка и на кариерата.
„Сега сум најубава“
Лакшми неодамна беше ѕвезда на новата кампања за „Sports Illustrated“. Во интервју таа откри дека денес се чувствува посамоуверено отколку во младоста.
„Пред неколку години влегов во перименопауза и хормоните ми се променија, градите ми се зголемија. Сите стари градници ми станаа мали и ми беше жал – имав навистина прекрасна долна облека“, изјави таа, додавајќи: „Сакам да носам убави работи, но сакам и удобност.“
И покрај тоа што денес телото ѝ е поинакво, таа вели дека конечно се чувствува убава:
„Никогаш не би се вратила во своите дваесетти, дури и ако тоа значеше подобро тело, затегнато на сите вистински места. Знаеш, сега изгледам добро за самата себе“, пренесе „Slobodna Dalmacija“.