Режисерот Вуди Ален даде ретко, обемно интервју за „Wall Street Journal“ по повод промоцијата на неговиот прв роман, „What’s with Baum“, во кое зборуваше за тоа што Холивуд го отфрли поради обвиненијата дека сексуално ја злоупотребувал својата посвоена ќерка, Дилан Феро.
Ален повеќепати ги негирал обвиненијата дека ја нападнал Дилан кога имала седум години, во домот на нејзината мајка, Миа Феро, во Конектикат.
Во изјава за „Wall Street Journal“, Дилан Феро рече:
„Уморна сум од мизогиниот и не-научен наратив дека сум била инструирана или изманипулирана. Никако – ова е вистината што ја пријавив како дете и што доследно ја повторувам оттогаш. Сега сум жена од 40 години. Вуди Ален сексуално ме злоупотреби.“
Режисерот, со кого многумина во Холивуд одбиваат да соработуваат поради тие обвинувања, го сподели и своето мислење за таканаречената „cancel culture“:
„Тоа е едноставно глупаво“
„Ако еден актер каже: ’Не сакам да работам со него‘, во суштина, тој актер мисли: ’Правам нешто добро‘, од своја перспектива, ’придонесувам, давам изјава.‘ Но, всушност прави грешка. Еден ден можеби ќе го сфати тоа“, изјави Ален.
Актери како Мајкл Кејн, Дру Баримор, Колин Фирт, Кејт Винслет и други последниве години јавно изјавија дека одбиваат да работат со Ален и дека се каат што претходно го правеле тоа. На прашањето како гледа на фактот што луѓето му го свртеа грбот, Ален одговори:
„Не сум лут.“
„Мислев дека ќе имаат повеќе здрав разум кога ќе ја прочитаат целата ситуација. Она што секогаш ме изненадува е колку луѓе се подготвени и волни да го прифатат тоа. Очекував дека некој, кога ќе ги прочита деталите, ќе помисли: ’Ова ми изгледа малку сомнително,‘“ додаде тој.
Новиот роман на Ален има низа сличности со неговиот живот. Според пишувањето на „Wall Street Journal“, главниот јунак е „средовечен еврејски новинар кој станува неуспешен драматург, а потоа просечен романсиер по име Ашер Баум. Книгата ја опишува проблематичната трета брачна заедница, привлечни помлади жени и грешки што ја уништуваат кариерата.“
Исто така, „Кони, сопругата на Баум во романот, неверојатно потсетува на Феро, како и нејзиниот нездраво близок однос со синот Тејн, што ги одразува описите на Ален за односот на Феро со нејзините синови Флечер и Ронан. Како што мемоарите на Ален беа одбиени од неговиот прв издавач, така и Баум е отфрлен од својот издавач.“
„Постојат низа нешта што ми се случиле во животот, и јас ги вметнувам во она на што работам во моментот“, рече Вуди Ален.