Анџелина Џоли ја преплавиле емоции додека на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, за време на промоцијата на својот најнов филм „Couture“, говорела за својата мајка Маршелин Бертран, која починала од рак на јајници и дојка.
Имено, славната актерка во најновото остварување ја игра филмската режисерка Максим, чиј живот се превртува наопаку откако открива дека всушност има рак на дојка. Џоли процесот на снимање и ваквата улога ги доживеала многу лично, а како утеха го носела ѓерданот на својата покојна мајка, што ќе може да се види и во филмот.
За време на разговорот за овој проект, еден маж од публиката рекол дека неодамна изгубил пријател кој се борел со рак и ја прашал актерската екипа која е нивната порака за сите што тагуваат. Анџелина низ солзи му одговорила:
„Многу ми е жал за твојата загуба. Се сеќавам дека мајка ми еднаш, кога бевме на некоја вечера и кога луѓето ја прашуваа како се чувствува, рече: ‘Сите ме прашуваат само за ракот’. Доколку имате или познавате некого што поминува низ таква борба, прашајте го и за сè останато во неговиот живот“, одговорила актерката.
На мајката на Анџелина во 1999 година ѝ бил дијагностициран рак на јајници, а подоцна и на дојка. Починала во 2007 година, на 56-годишна возраст. Џоли во 2011 година се подложила на двојна мастектомија бидејќи имала висок ризик од карцином на дојка.
Филмот „Couture“ во светските киносали пристигнува во октомври оваа година.