Легендарниот дански голман Петер Шмајхел отворено зборува за клучните моменти од неговата кариера и моменталната состојба на Манчестер јунајтед во вториот дел од ексклузивното интервју за видео серијалот „ A Guest and a Half “ на Софаскор.
Зборувајќи за почетоците на својата кариера, Шмајхел се присети како неговиот трансфер во Манчестер јунајтед речиси пропаднал поради Брондби и како тоа го мотивирало да стане уште подобар.
„Брондби не сакаше да ме пушти. Бев лут и разочаран, бидејќи сонував да играм за Јунајтед. Тогаш решив: Ќе бидам толку добар што ќе се вратат по мене. И кога тоа се случи, сè имаше смисла.“
Голем дел од интервјуто му го посвети на Сер Алекс Фергусон, кого го опишува како „фудбалски татко“.
„Искрено, најважната личност што можев да ја запознаам во фудбалот. Беше неуморен, секогаш бараше максимум, и токму тоа ми требаше.“
Секако, тука е и приказната за Европското првенство во 1992 година, кога Данска сензационално стана европски шампион, иако воопшто не се квалификуваше.
Шмајхел детално опиша како националниот тим беше поканет на турнирот откако Југославија беше исфрлена поради воената сосотојба:
„Сезоната заврши, сите бевме подготвени да се одмориме. Никој од нас не размислуваше за Европското првенство. А потоа се појавија гласини дека Југославија нема да може да игра. Искрено, не го сакавме тоа – ниту за нас, ниту за нив. Имаше премногу тага во таа приказна. Но, кога се случи, мораше да одиме и да дадеме се од себе.“
Првата средба со Англија заврши без гол, и токму таа игра, вели Шмајхел, сè промени.
„0:0 со Англија ни даде самодоверба. После тоа, сè стана сосема нова авантура. Беше тешко, бидејќи се сместивме во хотелот каде што требаше да биде југословенската репрезентација. Чувствувавме дека играме за нив, а не против нив. Кога ја освоивме титулата, чувството беше дека го направивме тоа заедно – ние и тие.“