Едно поинакво искуство: Кремонезе најави спектакуларна промоција на Џејми Варди

Макфакс

05/09/2025

12:47

259

Големина на фонт

а а а

Џејми Варди размислуваше речиси цело лето пред да донесе одлука каде да ја продолжи кариерата, но на крајот донесе големо изненадување и се пресели во новиот италијански калчолигаш.

Кремонезе отвори извонредно во Серија А и запиша две победи во првите две рунди, меѓутоа поголема возбуда кај фановите предизвика ангажманот на славниот англиски голгетер.

Легендата на Лестер после 13 години на „Кинг Пауер“ ќе го гледаме во италијанската елита, а бидејќи неговиот трансфер привлече големо внимание, Кремонезе сега најави и специјална промоција во новата средина.

Фудбалерите кои пристигнуваат како нови засилувања обично се претставуваат во прес-центарот на стадионите, или во тренинг комплексите, но за да се означи еден убав почеток на симпатична приказна, Кремонезе одлучи да букира виолинскиот музеј и познатиот аудиториум „Џовани Арведи“ во Кремона.

Чинот кој е закажан за главниот амфитеатар ќе можат да го проследат само 464 претставници во живо, а веќе отсега познато е дека главната фешта ќе биде пред аудиториумот каде ќе има илјадници фанови на Кремонезе.

Презентацијата ќе се одржи наредната среда, 10-ти септември, со почеток во 15:30 часот по локално време.