Лионел Меси доживеа многу емоции на „Монументал“ и вечно ќе ја памети изминатава вечер во Буенос Аирес, не поради победата остварена против Венецуела, туку поради фактот што го одигра последниот официјален меч на аргентинско тло.
За капитенот на Аргентина ова беше последен официјален натпревар пред домашните навивачи во неговата кариера, а преполнетиот „Монументал“ се погрижи атмосферата да биде сензационална и незаборавна.
Меси добиваше огромна поддршка уште за време на загревањето и пушти некоја солза, но откако излезе со своите тројца синови на теренот, успеа да ги контролира емоциите и максимално се препушти на она што најдобро го знае.
Лео го почна натпреварот од првата минута и на крајот се одјави на последниот натпревар во Аргентина со два погодоци во противничката мрежа, од кои првиот беше мала мајсторија.
Фудбалскиот Бог во Аргентина испорача извонреден лоб по додавање на Хулијан Алварез за водство од 1:0, а во финишот од мечот, за сигурна победа и комотни 3:0 се погрижија Лаутаро, како и Меси со вториот гол со кој стави печат на триумфот.