Дру Бински (34) вели дека ги посетил сите 197 земји во светот, а во овие пет најмногу се плашел.
Бински ги поминал последните десет години обидувајќи се да ја посети секоја земја во светот и споделувајќи ја својата патописна содржина на Јутјуб со своите 5,7 милиони претплатници. Досега има собрано повеќе од милијарда прегледи.
Во видео насловено „Петте места каде што се чувствував најнебезбедно како патник“, американскиот блогер откри дека Могадишу, главниот град на Сомалија, е најлошото место што некогаш го посетил.
Опишувајќи го Могадишу како „беден“, Дру рече дека градот „нема правила, нема закони“. Тој додаде дека таму дејствува „подружницата на Ал Каеда“, Ал-Шабаб, што го прави „многу, многу страшно“ место за патување.
„Секој пат кога ќе го напуштите вашиот хотел, мора да имате конвој пред вас и зад вас со четири војници во панцири со огромни АК-47 во рацете кои мора да ја извидуваат областа пред да тргнете“, објасни тој.
Другите четири градови на листата се: Конакри (Гвинеја), Кандахар (Авганистан), Порт-о-Пренс (Хаити) и Триполи (Либија), пренесе „Дејли мејл“.
Опишувајќи го Конакри како негово „најмалку омилено место во Западна Африка“, Дру раскажа како шетал низ главниот град помалку од десет минути пред да биде запрен од двајца полицајци. Тој бил таму и за време на државниот удар и рече бил „целосен хаос“ и „многу непријателски настроено“.
Тој го опиша и Кандахар, градот каде што беа основани Талибанците во Авганистан, како „многу небезбедно место“ и додаде дека видел „големи комплекси со бодликава жица“.
„Можете едноставно да ја почувствувате тензијата во воздухот“, објасни тој. Иако забележал „кул и традиционални пазари“, истакна дека постојано се вртите и гледате зад себе.
Бински го опиша и главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, како „тотален хаос“. Објасни како влегол во „зона контролирана од банди“ во близина на аеродромот со водич и му било кажано да ја остави камерата настрана.
„Бандитите кои ја контролираа областа – морав да ги поткупам. Гангстери со големи пушки ме водеа наоколу.“
Последната дестинација на списокот на Бински е Триполи во Либија, која ја посетил во 2018 година.
„Слушнав дека е побезбедно во последните неколку години, но во 2018 година заспивав со звукот на бомбите во мојата хотелска соба“.
Дру се потсети дека неговиот кревет „буквално се тресел“, но персоналот на хотелот го уверувал дека тоа се случувало „на километри оддалеченост“. Додаде дека било „многу тешко“ да се оди надвор без полицијата, која не била навикната на туристи.
„Слушнав дека денес е полесно да се посети Либија и дека е поотворена без граѓанската војна, па се надевам дека повторно ќе ја посетам“, заклучи Американецот.
Сите дестинации на листата се земји за кои FCDO моментално советува да не се посетуваат.