Актерката Ребека Фергусон без која изминативе години не можат да поминат најголемите филмски хитови, била најдобро облечена жена во Венеција, а на премиерата на својот нов филм носела посебен фустан.
Досега на црвениот тепих на 82 издание на Филмскиот фестивал во Венеција видовме многу интересни модни изданија, а на црвениот тепих прошетала и шведската актерка Ребека Фергусон.
Актерката на премиерата на својот нов филм „A House of Dynamite“, политички трилер во режија на Кетрин Бигелоу, пристигнала во едно од своите најинтересни модни изданија досега.
Ребека избрала креација од колекцијата на македонско-австралискиот дизајнер Тони Матичевски за есен/зима 2025 година, авангарден црн макси фустан којшто ги споил нејзиниот препознатлив стил со холивудскиот гламур.
Струкираниот фустан со еден долг ракав којшто бил тесен во пределот на струкот е навистина неверојатен.
За сѐ да биде повозбудливо, актерката во еден момент го открила долгиот шлиц, а со него и чизмите со вртоглаво висока платформа кои сигурно ѝ помогнале да оди грациозно на црвениот тепих.
Необичната креација со драматичен дизајн која имала дијагонален изрез на грбот, наречена е „Lyra“ и достапна е во повеќе бои, а чини 4.600 долари. Направена е од мешавина на вискоза и свила.