Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп оваа седмица одобри продажба на 3.350 ракети со поширок радиус на нападно дејствување (ERAM) на Украина, објави весникот The Wall Street Journal, повикувајќи се на извори а истовремено наведувајќи дека Пентагон тивко ги блокира украинските напади со ракети со долг дострел на руска територија.
„Оваа седмица, администрацијата одобри продажба на 3.350 воздушно-лансирани наведувани ракети ERAM, кои се очекува да пристигнат во Украина за околу шест седмици, изјавија двајца американски претставници“, наведува весникот.
Дострелот на овие ракети е 241-450 километри. Според WSJ, на Киев ќе му треба дозвола од Пентагон за да ги користи.
Според изворите на изданието, вкупниот обем на новиот пакет оружје изнесувал 850 милиони долари, при што поголемиот дел од трошоците ги покриваат европските сојузници на Киев. Покрај ERAM, тој вклучувал и други неодредени ставки.
Се забележува дека одобрувањето на договорот било одложено до разговорите на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска а подоцна со Володимир Зеленски во Вашингтон.
„Иако САД не објавија планови за снабдување со дополнителни ракети, други видови оружје што европските власти ги купија од САД би можеле да ѝ помогнат на Украина… Тие вклучуваат системи за воздушна одбрана и системи за наведувани повеќекратни лансирања на ракети (GMLRS) со дострел од 90 милји (145 километри“, се додава во написот на WSJ.
Истовремено во саботата по локално време WSJ, повикувајќи се на американски функционери, објави дека Пентагон тивко го блокира користењето на американските тактички ракетни системи (ATACMS) од страна на Украина за напади длабоко на руска територија, ограничувајќи ја способноста на Киев да се одбрани од инвазијата на Москва со помош на ова оружје.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет го има последниот збор кога станува збор за употребата на системот ATACMS, според WSJ.
Канцеларијата на украинскиот претседател и Министерството за одбрана не го коментираа пишувањето на WSJ, како што направија Белата куќа и Пентагон, истакнува Reuters.
Веста за американските ракети со долг дострел доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп е сè повеќе фрустриран од тригодишната војна и неговата неспособност да обезбеди мировен договор меѓу Русија и Украина.
Откако неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин и последователните средби со европските челници и украинскиот претседател Володимир Зеленски не донесоа никаков опиплив напредок, Трамп во петокот повторно изјави дека размислува за воведување економски санкции врз Русија или за напуштање на мировниот процес.
„Ќе донесам одлука за тоа што ќе правиме, и тоа ќе биде многу важна одлука, без разлика дали ќе воведеме сеопфатни санкции или огромни царини, или и двете, или можеби ќе не направиме ништо и ќе кажеме: ‘Тоа е ваша борба’“, рече Трамп сепак истакнувајќи дека „ќе ги сослуша и двете страни“.
Трамп се надеваше дека ќе организира билатерална средба меѓу Путин и Зеленски, но тоа се покажа и како многу тешко.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во петокот изјави за NBC News дека нема договорена агенда како предуслов за средба со Зеленски.
„Путин е подготвен да се сретне со Зеленски кога ќе се договори агендата за самитот. И таа сè уште не е готова“, рече Лавров, додавајќи дека засега не е планирана таква средба.
Путин постојано предупредуваше дека украинската армија не може да користи високопрецизно оружје со долг дострел без директно учество на офицери на НАТО, поради нивната софистицираност и неопходноста од сателитско наведвуање на проектилите. Ова, како што нагласи, би го вклучило Западот директно во војната против Русија, така што локациите на кои се произведуваат тие вооружувања и од кои се наведуваат врз руска територија стануваат легитимна цел на Москва.
Во таа заднина беше изведен рускиот напад од ноќта кон 21-ви август, кога руската војска го изведен еден од своите најголеми напади врз западните региони на Украина со 574 беспилотни летала и 40 ракети според украинската војска, во кој беше уништени погони на „голем американски производител на електроника“. Станува збор за фабриката во сопственост на „Flex Ltd.“, со седиште во Остин, во американската сојузна држава Тексас, со регистрирано седиште во Сингапур.
Според украинските власти, „Flex“ Русија „потрошила неколку крстосувачки ракети врз американска компанија“, рече Зеленски, додавајќи дека компанијата произведува производи за домаќинството, како што се апарати за кафе.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека нападите биле насочени кон „претпријатија од украинскиот воено-индустриски комплекс“. Тврдеше дека биле погодени фабрики за беспилотни летала, магацини, места за лансирање ракети и области каде што биле собрани украинските трупи, повторно негирајќи дека биле цел на цивилни области.