На глобалните пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути падна минатата седмица, третпат со ред, бидејќи растеа очекувањата дека американската централна банка ќе ги намали клучните каматни стапки во септември.
Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, ослабе минатата седмица за 0,10 отсто, на 97,73 поени. Истовремено, девизниот курс на еврото зајакна за 0,15 отсто, на 1,1715 долари. Американската валута ослабе и за 0,15 отсто во однос на јапонскиот јен, па цената на доларот се лизна на 146,95 јени.
Индексот на доларот се движеше над нивото од 98 поени речиси цела седмица, додека инвеститорите го чекаа говорот на претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, на годишниот состанок на централните банкари во американскиот град Џексон Хоул.
Најважното прашање на пазарите беше дали Пауел ќе сигнализира намалување на каматните стапки или ќе го повтори она што го кажува веќе долго време – дека Федералните резерви не треба да брзаат со намалување на каматните стапки сè додека не биде јасно како зголемувањето на царините за увоз во САД влијаело на инфлацијата.
Најновите податоци покажуваат дека американскиот пазар на трудот слабее, што е главната причина за намалувањето на каматните стапки. Од друга страна, најновите податоци покажуваат и дека инфлацијата е сè уште висока, што не остава многу простор за таков потег од страна на Федералните резерви.
И конечно, во петокот, Пауел рече дека ризиците во економијата сега се избалансирани и дека се приближува времето за прилагодување на монетарната политика. Ова беше протолкувано од пазарот како сигнал дека Федералните резерви ќе ги намали каматните стапки за 0,25 отстотни поени на состанокот на 17 септември, па вредноста на доларот во однос на кошничката валути потона за речиси 1 отсто во петокот, забележувајќи пад трета седмица со ред.