Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува да знае за две недели каде ќе се одвиваат настаните во Украина.
„Не сум среќен за ништо во врска со таа војна. Ништо. Воопшто не сум среќен. Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека ќе откриеме во следните две недели каде ќе оди“, изјави тој пред новинарите во Белата куќа.
Трамп ја обнови заканата со санкции кон Русија ако нема напредок кон мирно решавање на кризата во Украина во рок од две недели, покажувајќи ја својата фрустрација од Москва една недела по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска.
– Ќе донесам многу голема одлука за тоа што ќе правиме – дали станува збор за масивни санкции или масивни царини или и двете, или ќе не направиме ништо и ќе кажеме дека тоа е ваша борба, рече Трамп.
Тој, исто така, рече дека е незадоволен од рускиот напад врз американска фабрика во Украина минатата недела, што предизвика пожар во кој беа повредени некои вработени во фабриката.
„Не сум среќен поради тоа и не сум среќен поради ништо што има врска со таа војна“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа, објави Ројтерс.