Државните патишта се многу важен фактор за функционирање и за развој на државата, воедно, тие се многу важни и за локалната самоуправа, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, на денешната панел-дискусија во рамките на настанот Саем-Отчет, насловен како „Четири години инвестиции во инфраструктурата“.
Трајановски посочи дека во изминатиот период од година дена, колку што ВМРО-ДПМНЕ е централна власт, се направи многу во областа на државните патишта бидејќи заедно со Владата, ресорното министерство и со градоначалниците се работи тимски.
– Во изминатата година, завршивме и пуштивме во употреба 101 километар од експресни и регионални патишта и тие се во вредност од околу 200 милиони евра. Значи, толку да се направи и толку да се инвестира сигурно е дел од една тимска работа, пред се на Јавното претпријатие и на институциите од централната власт коишто помагаат. Тука се Бирото за проценка, Управата за имотно правни односи, Катастар и останатите – рече Трајановски.
Понатаму, Трајановски продолжи за проектите поврзани со изградба и со довршување на патиштата.
– Го завршивме патот Страцин-Длабочица, Длабочица-Крива Паланка, кој е во вредност од околу 100 милиони евра, како и патот Градско-Дреново, па Дреново-Фариш, патот од почетокот на Гевгелија, па сѐ до влезот во Богданци, патот од Охрид до Свети Наум. Сите овие беа патишта коишто, за жал, ги наследивме или закочени, или, пак, беа во некоја многу блага форма на изработка. Сето тоа успеавме, заедно со министерството и со Владата, да го ставиме во функција и многу бргу да ги изградиме – истакна, меѓу другото, Трајановски.