Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за NewsMax Balkans зборуваше за европската интеграција на државата, регионалните прашања, НАТО-членството, партнерството со ЕУ во областа на безбедноста и одбраната, како и за странските инвестиции.
Подготвени сме да ги завршиме тешките реформи – и веќе тоа го правиме. Со тоа јасно го демонстрираме стратешкиот правец во кој се движиме. Но време е и Европската Унија, нејзините институции и земји-членки, да покажат подеднаква посветеност на нашиот европски пат,“ изјави министерот Муцунски.
Тој нагласи дека Владата е посветена на европската интеграција преку спроведување на реформи и исполнување на мерливи критериуми што самата Унија ги поставила, но дека е потребна одлучност, фер пристап и предвидлива патека за напредокот на земјата и додаде дека државата цврсто стои на своите стратешки приоритети членството во НАТО, посветеноста на патот кон Европската Унија и стратешкото партнерство со САД.
Муцунски потсети дека неодамна ја потпишал Заедничката декларација за стратешко партнерство со Велика Британија, како и билатерален договор меѓу двете влади, кој според него има историско значење поради обемот и содржината.
„Благодарение на овој договор ќе се реализираат клучни инвестиции во неколку значајни сектори – меѓу кои Коридорот 10, здравствениот систем и дигиталната инфраструктура,“ истакна министерот.
Како посебен пример на пријателство, Муцунски го наведе партнерството со Унгарија, кое, како што рече, веќе носи конкретни резултати – инфраструктурни проекти во повеќе општини, значителна финансиска помош за државата и директна поддршка за македонските компании.
Министерот потсети дека Владата го потпишала и Договорот за партнерство со Европската Унија во сферата на безбедноста и одбраната. „Веќе е реализирана првата поддршка – Министерството за одбрана доби 20 милиони евра за набавка на опрема значајна за одбраната и безбедноста на државата,“ додаде тој.