[ВИДЕО] Украинците тешко ранија руски генерал, Абачев изгуби рака и нога по нападот

Макфакс

23/08/2025

18:22

1.853

Големина на фонт

а а а

Украинските специјални сили објавија видео и детали од операцијата во која рускиот генерал-полковник Еседула Абачев беше тешко ранет, јавува „Украинска правда“.

Нападот врз возилото на генералот се случил пред една недела, на пет километри од градот Риљск во Курската област, длабоко на руска територија. Целта било возило во кое се наоѓал Абачев, заменик-командант на руската група на сили „Север“.

По нападот, генералот бил итно префрлен во Москва, каде што наводно му се ампутирани раката и ногата поради сериозноста на повредите.

Во соопштението на Силите за специјални операции се наведува дека украинското обвинителство уште во 2023 година поднело обвинение против Абачев. Првата вест за нападот ја објавила Одбранбената разузнавачка служба на Украина, која истакнува дека украинските единици погодиле руски конвој на автопатот Рилск-Хомутовка.

Абачев е ветеран на бројни воени операции предводени од Кремљ. Дипломирал на Високата тенковска командна школа во Харков во 1989 година, а неговата кариера вклучува учество во конфликтите во Ерменија и Азербејџан, Втората чеченска војна, руската инвазија на Грузија во 2008 година и воена кампања во Сирија. За секој од овие подвизи, му бил доделен Орден за храброст од рускиот претседател Владимир Путин.

Од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, Абачев командувал со Вториот армиски корпус на таканаречената „Луганска Народна Република“. Украинската страна го поврзува со воени злосторства против цивили во Лисичанск.