Сè потешко е да се најде стан во Скопје по цена што пред само пет-шест години изгледаше нормална. Денес, сопствениците на станови ретко прифаќаат месечна кирија под 300 евра, а не е чудо за посакуваните локации цената да скокне и далеку над тоа.
Ако во Белград станот за изнајмување лесно достигнува 1.000 евра месечно, ние можеби сè уште не сме таму – но трендот е јасен.
„Цените пораснаа драстично, особено поради побарувачката. Понудата е ограничена, а интересот огромен“, вели за нашиот медиум еден посредник од агенција за недвижности, кој додава дека многу од станарите веќе се навикнуваат на „балкански европски“ цени.
Последниве години, во главниот град масовно доаѓаат странски работници, а меѓу нив доминираат Турците. Оваа група е особено бројна во градежниот и во угостителскиот сектор, и речиси секогаш бара целосно опремени станови за брзо вселување.
„Тие плаќаат навреме и обично не се ценкаат – па затоа газдите ги преферираат“, објаснува еден сопственик на стан во Тафталиџе.
Од друга страна, не треба да се занемари и притисокот од студентите. Универзитетските клупи во Скопје се пополнети и со домашни и со странски студенти, кои сакаат приватност и комфор, наместо старите модели на сместување во студентски домови.
Има уште една категорија што влијае врз цената – младите вработени, самци или парови, кои не сакаат да продолжат да живеат со родителите.
„Заработувам доволно да си дозволам самостоен стан. Можеби не е лесно да издвојуваш 300 евра секој месец, ама вреди за мир и приватност“, ни вели Александар, 29-годишен ИТ-инженер.
Токму оваа група е новиот „клиент број еден“ на пазарот за изнајмување – финансиски независни, но и решени да не ја делат кујната со мајка си.
Како се движат цените?
Во Центар, просечната кирија за двособен стан се движи од 350 до 400 евра, а ако е на атрактивна локација блиску до плоштад или до Универзитетот, цената лесно оди и над тоа.
Во Карпош, особено во Карпош 1 и 2, сопствениците бараат меѓу 300 и 380 евра за еднособен стан, а за поголемите квадратури сумата може да стигне и до 450 евра.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.