Експериментален мозочен имплант може да ги чита мислите и да ги претвора внатрешните мисли во текст.
Во раната фаза на тестирање, научници од Универзитетот „Стенфорд“ користеле уред за интерфејс мозок-компјутер („BCI“) за да дешифрираат реченици кои испитаниците само ги помислиле, без да ги изговорат на глас. Имплантот ги „слушнал“ точно во 74 проценти од случаите, пренесува „Euronews“.
Овие уреди се појавуваат како потенцијално решение за лица со попреченост кои сакаат да повратат одредено ниво на самостојност.
Полесна комуникација за оние кои не можат да зборуваат
Најпознат пример е „Neuralink“ на Илон Маск – експериментален имплант кој сè уште е во рана фаза на испитување на безбедноста и функционалноста кај лица со специфични здравствени состојби што ја ограничуваат подвижноста.
Најновите резултати, објавени во списанието „Cell“, би можеле еден ден да ја олеснат комуникацијата за луѓе кои не можат да зборуваат, велат истражувачите.
„Ова е првпат да успеавме да разбереме како изгледа мозочната активност кога само размислувате за говор“, изјави Ерин Кунц, една од авторките на студијата и истражувачка на Универзитетот „Stanford“.
Во соработка со четворица учесници, истражувачкиот тим вградил микроелектроди кои ги снимаат невронските сигнали во моторниот кортекс – делот од мозокот одговорен за говорот.
Од учесниците било побарано да се обидат да изговорат или само да замислат изговарање на одреден сет зборови. Двете активности активирале преклопувачки делови од мозокот и предизвикале слични типови мозочна активност, иако со различен интензитет.
Потоа, научниците обучиле модели на вештачка интелигенција да препознаваат зборови кои учесниците само ги помислиле, а не ги изговориле. Во демонстрација, мозочниот чип успеал да преведе замислени реченици со точност до споменатите 74 проценти.
Во друг тест, истражувачите поставиле лозинка за да спречат „BCI“ да го декодира внатрешниот говор, освен ако лицето прво не помисли на кодот. Системот ја препознал лозинката „chitty chitty bang bang“ со околу 99 проценти точност.
Наредби исклучиво со мисли
Во моментов, мозочните чипови не можат да толкуваат внатрешен говор без значајни безбедносни ограничувања. Сепак, истражувачите сметаат дека напредни модели во иднина би можеле да го постигнат и тоа.
Френк Вилет, еден од авторите на студијата и вонреден професор по неврохирургија на Универзитетот „Stanford“, изјави дека „BCI“ системите би можеле да се обучат и да го игнорираат внатрешниот говор.
„Ова истражување влева реална надеж дека ’BCI‘ за говор еден ден би можел да ја врати комуникацијата која е исто толку течна, природна и пријатна како разговорниот говор.“
Инаку, „BCI“ технологијата функционира преку поврзување на нервниот систем на човекот со уреди кои можат да ја толкуваат мозочната активност, што овозможува извршување на дејства – како користење на компјутер или управување со протетска рака – исклучиво со мисли.