Првите светски спортски игри за хуманоидни роботи се одржуваат овој викенд во Пекинг, каде околу 500 роботи се натпреваруваат во дисциплини како фудбал, кик-бокс и атлетика, соопштија организаторите.
Манифестацијата, која трае до недела, се одвива главно на Националниот стадион за брзо лизгање – една од главните локации на Зимските олимписки игри во 2022 година, пренесе јапонската новинска агенција „Kyodo“.
Учествуваат 280 тимови од 16 земји, меѓу кои САД, Јапонија, Германија и Италија, во рамки на околу 25 спортски дисциплини. Целта на настанот е промоција на атлетските способности, соработката, интелигенцијата и практичната примена на хуманоидните роботи во сценарија од реалниот живот, за во иднина подобро да му служат на човекот, наведуваат организаторите.
Роботите со две нозе се натпреваруваат автономно или преку далечинско управување, а замени на учесниците за време на натпреварите не се дозволени.
На трката од 1.500 метри, некои роботи трчаа толку брзо што и луѓето кои го контролираа нивното движење тешко можеа да ги следат.
За време на фудбалски натпревар, роботите се судираа додека ја бркаа топката, а еден од нив мораше да го напушти теренот бидејќи не успеа да стане по падот.
Во кик-бокс меч, еден робот падна на колена по силен удар и не успеа да го продолжи натпреварувањето.
Покрај спортските дисциплини, натпреварот опфаќа и практични задачи, како сортирање лекови во аптека и услужување гости во хотел.
Организирањето на ваков настан е дел од пошироката стратегија на Кина за промоција на напредни технологии како хуманоидната роботика и вештачката интелигенција, особено во контекст на сè поизразеното технолошко ривалство со САД, наведува „Kyodo“.
Во април годинава, Пекинг беше домаќин и на полумаратон, на кој заедно трчаа хуманоидни роботи и аматерски тркачи.