Во Златниот храм се наоѓа бесплатна заедничка кујна, најголемата во светот, и храни 100 илјади луѓе дневно, седум дена во неделата – и сите се добредојдени.
Амритсар, северноиндиски град со два милиони жители, е познат по гастрономијата, историјата, културата, стариот дел од градот и спектакуларниот Златен храм, најзначајното светилиште на сикизмот.
Гурдвaрата (светилиште на сикизмот) Шри Хармандир Сахиб е едно од најважните духовни светилишта за сики, чие верување комбинира елементи од исламот и хиндуизмот, а е познато по својата традиција наречена сева – несебична помош без очекување на каква било противуслуга. Сиките ширум светот ја практикуваат севата во храмовите, најчесто преку едноставни активности како чистење подови, послужување оброци и одржување ред во храмот. Други пак, ја извршуваат севата во својот приватен живот преку дела на великодушност и милосрдие.
„Второ име на севата е љубов“, изјавил 23-годишниот Абхинандан Чаудхари за „BBC“, кој со своето семејство ја практикува севата уште од својата осма година.
„Вообичаеното учење е дека треба да бидеш толку дискретен и несебичен, што ако ја правиш севата со левата рака, дури ни десната рака не треба да знае“, додава тој. Во индивидуализираниот и капиталистички свет, ваквиот начин на живот претставува вистинско освежување.
Во Амритсар, срцето на сикизмот, практикувањето на севата е издигнато на повисоко ниво. Низ цела Индија е познато дека во Амритсар никој никогаш не мора да легне гладен. Тоа е затоа што во Златниот храм, најзначајното светилиште на сикизмот, секогаш има подготвен топол оброк за секој што ќе посака.
Таму се наоѓа бесплатна заедничка кујна – најголемата во светот – која храни 100 илјади луѓе дневно, седум дена во неделата – и сите се добредојдени. Како и во другите гурдвари, и Златниот храм го одржува армија од волонтери, кои секојдневно служат едноставен, но вкусен оброк од леќа, чапати (беспецивна лепиња) и варива од наут.
Во огромните сали може да се видат и до двесте жени, мажи, млади и стари, сиромашни и богати, како седат на подот со скрстени нозе и јадат. Додека некои бараат репете, други брзо ги дојадуваат своите чинии и си заминуваат, а по околу петнаесет минути, волонтерите ја чистат и подготвуваат салата за следната тура, во еден бескраен циклус на доаѓања и заминувања. Но добрината и великодушноста во храмот се чувствуваат и на улиците. Во лавиринтот на крстосници, прометни пазари и мали плоштади се чувствува живоста на Амритсар – динамичен град кој како да припаѓа на некое друго време и простор.